Италија противник на македонските фудбалери во мундијалскиот бараж


Фото: Б. Грданоски

Швајцарија– Македонската фудбалска репрезентација ќе игра против европскиот првак Италија во полуфиналниот бараж за пласман на Светското првенство 2022 во Катар, одлучи денешната жрепка во седиштето на ФИФА во Цирих. 

– Ова е многу тешка жрепка за нас. Северна Македонија е многу добар тим, и доколку победиме ќе играме на гостински терен со победникот меѓу Португалија и Турција, истакна Манчини во првата реакција по вечерашната жрепка во седиштето на ФИФА во Цирих. 

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски оцени дека „црвено – жолтите“ не се аутсајдери против Италија, иако актуелниот европски првак е фаворит во полуфиналната пресметка во мундијалскиот бараж.

– Во денешниот фудбал аутсајдери има само на хартија. Сето она што се случува на терен е сосема друга приказна. Според рејтингот, Италија е фаворит, но на терен за исходот на мечот во голема мера ќе се прашуваме и ние. Покажавме во текот на квалификациите дека имаме квалитет, како и сите други учесници во баражот и ќе се потрудиме тоа да го потврдиме, изјави Милевски во својата прва реакција на вечерашната жрепка за мундијалскиот бараж во седиштето на ФИФА во Цирих.

Македонскиот селектор додаде дека неговите избраници неслучајно се во мундијалскиот бараж и во дуелот против Италија ќе се обидат да го потврдат својот квалитет.

– Италија е актуелен европски првак. Имаме голема почит за противникот и за нивниот селектор. Многупати сум напоменал дека го ценам како селектор и како тренер. Сметам дека е најзаслужен за европската титула на Италија. Под негово водство, сведоци сме на една нова, модерна фудбалска Италија која ги надминува стереотипите базирани само на дефанзива. Играат сосема поинаков фудбал, тоа ги отежнува работите за сите нивни противници, сега и за нас се разбира, но мора да се приспособуваме на предизвиците. Македонија има свои квалитети, нè случајно сме во баражот и ќе се потрудиме да бидеме конкурентни и на овој натпревар, изјави Милевски. 

Македонските фудбалери полуфиналниот натпревар ќе го играат на гостински терен на 24 март, а во случај на победа решавачкиот натпревар за историски пласман на мундијалските завршници ќе го играат против подобриот од дуелот меѓу Португалија и Турција на 29 март, повторно на гостински терен. 

Преостанатите полуфинални бараж дуели се Шкотска – Украина, Велс – Австрија, Рсија – Полска, Шведска – Чешка и Потугалија – Турција.  

Пласман на Светското првенство од Европа досега обезбедија Германија, Данска, Франција, Белгија, Шпанија, Англија, Швајцарија, Холандија, Хрватска и Србија. 

Светското првенство во Катар е на програмата од 21 ноември до 18 декември идната година, а жрепката за групната фаза е закажана за во април.