Во Италија денеска најголем број новозаразени од мај – 1.907

 

Италија регистрира 1.907 нови случаи со корона вирус во последните 24 часа, најголемо дневно зголемување од почетокот на мај, соопшти денеска Министерството за здравство.

Уште десет лица починале од ефектите на вирусот.

Последен пат слично зголемување на дневниот број на инфекции е забележано на 1 мај, кога имаше 1.965 нови случаи.

Од почетокот на пандемијата, Италија забележа 294.392 заболени и 35.668 смртни случаи.

Бројот на заразени е во пораст во последните шест недели, според италијанските здравствени власти, иако не е толку голем како во Шпанија или Франција.

Расте стравот од втор бран неконтролирана епидемија во Италија, која беше сериозно погодена од коронавирусот во февруари.

Зголемувањето делумно се должи на повторното отворање на училиштата во понеделникот по пауза од шест месеци.

Големите сили сè уште не успеваат да ги здружат силите за борба против пандемијата, изјави денеска лидерот на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус, во време кога бројот на заразени луѓе во светот надмина 30 милиони.

„Големите сили не работат заедно“, рече Тедрос на брифинг со новинарите во Женева, образложувајќи ја својата главна порака до светските лидери додека се подготвуваат за годишното Генерално собрание на ООН што започнува следната недела.

Тедрос рече дека исто така ќе ги повика лидерите на Генералното собрание да ги соберат потребните 35 милијарди американски долари за забрзување на развојот на лековите и вакцините против Kовид-19.