Италија поради пандемијата имаше 69 отсто помалку странски туристи

Италија – Пандемијата на коронавирус силно го погоди италијанскиот туристички сектор, предизвикувајќи драстичен пад на бројот на странски посетители во 2020 година, покажуваат податоците на Заводот за статистика.

Во периодот од јануари до септември, поради пандемијата, Италија ја посетија 69 отсто помалку странски гости од минатата година, што предизвика „длабок шок“ во туристичкиот сектор.
 
Бројот на домашни гости исто така опадна во текот на летото.
 
Меѓу странските туристи кои успеаја да дојдат во Италија, Германците беа во предност со учество од 47 проценти во вкупниот број странски гости. Речиси и да немаше туристи од САД.
 

Големите градови и општини на бреговите на Медитеранот забележаа особено голем пад на пристигнувањата на странски гости, за дури 96 проценти само во април во споредба со истиот период минатата година.

Италија пролетта воведе строго заклучување, оневозможувајќи ги патувањата, а во текот на летото повторно беа овозможени со постепено олеснување на строгите ограничувања на движењето.

Од европските земји Италија е меѓу најтешко погодените од корона-кризата. Со околу 60 милиони жители, имаше повеќе од два милиона случаи на коронавирус и повеќе од 72.000 смртни случаи предизвикани од Ковид-19.