Италија, поради новите соеви, ги заостри мерките до после Велигден


 

Италијанската влада денеска ги заостри рестриктивните епидемиолошки мерки во пет од 20 региони со цел сопирање на ширењето на корона вирусот, посебно поради новите соеви.

Италија воведе систем од четири зони зависно од раширеноста на заразата (бела, жолта, портокалова и црвена) што овозможува прилагодување на рестриктивните мерки, а ситуацијата се проценува секоја недела.

Прв пат од крајот на јануари, два региони, Базиликата и Молисе, прогласени се за црвени зони. Тоа значи дека мора да ги затворат сите барови и ресторани, да го ограничат движењето на лушето и да затворат се освен најосновните продавници.

Три региони се префрлени од жолта во портокалова зона – Ломбардија и Пиемонт, во кои се наоѓаат Милано и Торино, и средишната приморска област Марка.

Во тие региони рестораните и баровите ќе бидат затворени освен за достава и луѓето не смеат да ги напуштат своите градови освен во итни слуачи, заради работа и здравствени причини.

Сардинија е прва област која е прогласена за бела зона и таму постојат минимални рестрикции.

Од понеделник во Италија ќе има две црвени, девет портокалови, осум жолти и една бела зона.

Расте боројот на нови случаи со зараза

Министерството за здравство во петокот предупреди дека бројот на заразени и понатаму расте. Новозаразени во последните 24 часа е 20.499, а ден претходно 19.886.

Во последните пет дена, бројот новозаразени порасна за 35 отсто во однос на истиот период претходната недела.

Во петокот Италија пријави 253 починати од корона вирус, а ден претходно 308.

„Многу случаи се предизвикани од новите соеви на вирусот. Загрижува ширењето на епидемијата. Мора да бидеме претпазливи и брзо и одлучно да интервенираме каде е потребно“, вели советникот во министерството за здравство Џиани Реца.

Покрај регионалните рестрикции, теретаните се затворени во речиси цела земја, а работното време на баровите и рестораните е ограничено.

Мерките ќе останат на сила до после Велигден, односно до 4 април.

Министерот за култура Дарио Франческини рече дека владата сепак размислува за отворање на кината и театрите во жолтите зони од 27 март.