Италија оздравува: Ломбардија по долго време не пријави жртви на Ковид-19


 

Во Италија починаа три лица позитивни на Ковид-19 во последните 24 часа, што е најмал дневен биланс на жртви од вирусот од почетокот на кризата кон крајот на февруари.

Италијанските медиуми јавуваат дека во Ломбардија нема починати од Ковид-19, а тој регион беше најзагрозен долго време.

Сепак потсетуваат дека слична ситуација имало и на 24 мај, кога Ломбардија официјално прв пат беше без жртви од вирусот, но тогаш гувернерот Атилио Фонтана повика на претпазливост, велејќи дека постои можност да доцнат извештаите со оглед на тоа што и тогаш беше викенд.

Бројот на новозаболени во Италија исто така е во пад и според последните податоци заразени се нови 219 луѓе, а вчера имаше 249.

Вкупниот број на заразени во Италија од почетокот на кризата со вирусот е 244.434, активни се 12.440 случаи, а 35.045 починаа од болеста.