Италија ова лето ќе пречека околу 68 милиони туристи
Според прогнозите на истражувачкиот институт „Демоскопика“, цитирани од италијанската новинска агенција АНСА, летово во Италија ќе одморат околу 68 милиони туристи, што значи дека во земјата ќе бидат поминати вкупно 267 милиони ноќевања.

Според институтот, туристите летово во Италија ќе потрошат околу 46 милијарди евра, што е зголемување за 5,4 отсто во однос на истиот период од 2022 година, пренесе БТА.
Прогнозите на „Демоскопика“ покажуваат дека повеќе од половина од туристите или околу 35,3 милиони (51,7 отсто) ќе бидат гости од странство, кои во Италија ќе поминат вкупно 131,5 милиони ноќевања.

Италија. Првата асоцијација е, секако, „долче вита“, а потоа не можеме, а да не помислиме на „многу, многу“ пица, гондоли, убавиот Сан Ремо, опера, венецијански маски, вкусот на тазе приготвена паста и чаша просеко покрај Фонтана ди Треви... Според многумина, најубавата земја во Европа, бисер меѓу бисерите, доволно добар за да се започне неповторливата авантура, која оваа убавица може да ни ја понуди при прва прилика.

Без разлика дали се повеќе или помалку посетени од туристи, сите делови на Италија се подеднакво атрактивни. Венеција, градот што тоне, Фиренца, Милано, Неапол, и Палермо и Сиракуза сместени во прекрасната Сицилија и, секако, вечниот град Рим. Секој на свој начин неповторлив и единствен, како и регионите Тоскана, Сардинија и Венето. Тука се и речиси неверојатните Алпи и Апенини. Опасните Везув и Етна постојано влеваат стравопочит и восхит.
Италијанската кујна изобилува со ароми и „многу, многу“ зачини. Италијанците обично имаат два оброка, ручек и вечера, додека, пак, „појадуваат“ капучино или еспресо. Маслиновото масло, рибата и доматите се есенцијални состојки на различни специјалитети. Нема шанси да ги избегнеме популарните пица, лазањи и тирамису. За љубителите на добри вина Италија го има Пиемонт, најпознатиот вински регион од каде потекнуваат некои од најквалитетните вина во светот.