Италија на готовс, плоштадот во Венеција повторно затворен


Во неколку италијански градови на сила е висок степен на готовност поради обилните врнежи во текот на ноќта.

Меѓу тие градови е и Венеција, каде жителите и туристите се подготвуваат за уште една висока плима и каде плоштадот Свети Марко повторно е поплавен и затворен за јавноста.

Градот, кој во вторникот се соочи со најлошите поплави во последните 50 години, денеска се соочува со висока плима од околу 160 сантиметри, соопшти градскиот центар за предвидување плими.

Властите во Фиренца и Пиза го следат водостојот на реката Арно, кое брзо порасна преку ноќ поради обилните врнежи, пренесува Ројтерс.

Градоначалникот на Венеција Луиџи Бруњаро предупреди во саботата дека градот се подготвува за уште еден тежок ден.

Тој, меѓутоа, нагласи дека очекува дека ситуацијата ќе биде помалку драматична отколку во вторникот, кога беа поплавени плоштади, продавници, куќи и хотели.

Плоштадот Свети Марко денеска повторно е затврен, само еден ден откако на туристите и жителите на Венеција им беше дозволено да влезат на плоштадот.

Изградена на низа мали островчиња, Венеција е особено чувствителна на комбинацијата зголемено ниво на море среде климатските промени и веќе воспоставеното пропаѓање на градот во кал.

Според градската служба за следење на плимата, нивото на морето околу Венеција е 10 сантиметри повисоко отколку што беше пред 50 години.