Италија ќе ја стави во карантин цела Ломбардија


Празниот плоштад Дуомо во Милано (Фото: АФП)

Италијанската влада ќе го заклучи северниот регион Ломбардија додека се бори да го спречи ширењето на корона вирусот. Според нацрт-уредбата ќе се прошират карантинските области, т.н. „црвени зони“, со што ќе им се нареди на луѓето да не влегуваат или излегуваат од регионот.

Земјата се бори да ја запре најлошата епидемија во Европа со „Ковид-19“, во која досега умреа 233 и се заразени вкупно 5.883 лица.

Италијанските власти објавија дека новата уредба, која содржи драконски мерки, треба да биде одобрена доцна вечерта во сабота. Таа ќе вклучува моќ да се изречуваат казни за секој кој е фатен како влегува или излегува од Ломбардија до 3 април. На луѓето ќе може да им биде дозволено да излегуваат или влегуваат само ако имаат сериозни причини. Уредбата предвидува забрана за сите јавни настани, затворање кина, театри, спортски сали, дискотеки и пабови. Забранети се и религиозни церемонии како погреби и свадби.

Рим, исто така, размислува да го продолжи затворањето на училиштата низ целата земја до 3 април, додека поголемите спортски настани, како што се фудбалскитенатпревари во Серија А ќе се играат зад затворени врати.

Бројот на случаи на корона вирус во Италија се зголеми за повеќе од 1.200 за 24 часа, соопшти агенцијата за цивилна заштита во саботата. Тоа е најголем дневен пораст од избувнувањето на епидемијата пред две недели.

Најтешко погодени се северните региони Ломбардија, Емилија-Ромања и Венето, каде има 85 отсто од случаите и 92 отсто од запишаните смртни случаи.