Италија ја одликува Дита Старова – Ќерими со орден „Витез на Редот Ѕвезда“ (фото)
Амбасадорот на Република Италија, Н.Е. Андреа Силвестри во Скопје ја одликува Дита Старова – Ќерими, директорка на Националната галерија, со признанието – орден “Витез на Редот Ѕвезда на Италија”, што го доделува Претседателот на Републиката за воспоставување и негување на лични и професионални релации со Република Италија, соработка во различни области и продлабочување на односите меѓу институциите и граѓаните од двете држави, а на предлог на италијанскиот министер за надворешни работи.
„Ordine della Stella d’Italia“ е одликување воведено во 1947 година како „Ред на Ѕвездата на италијанската солидарност“, а од 2011 го носи новото име.

Доделувањето на орденот се случи на отворањето на изложбата „Најдрагиот Пинокио, италијанските дизајнери и графички дизајнери ја редизајнираат најпознатата кукла на светот“ денес (14.03.24), во преполнетиот Чифте амам со гости и претставници на дипломатскиот кор. Изложбата на ADI Design Museum, е посветена на 140 години од првото издание на „Авантурите на Пинокио“, и содржи избор на дизаjнерски проекти на италијански компании направени специјално за изложбата, кои ја потврдуваат способноста на италијанскиот дизајн да креира безвременски слики и предмети и го слават митот за Џепето, првиот италијански дизајнер.
Деновите на италијански дизајн во Скопје денес почнаа во Сули ан, со макстер-клас на Лука Боскардин, италијански дизајнер на играчки и илустратор за многу италијански и интернационални брендови, како StudioRoof, Corriani, MonPetitArt, Arbos, George Magazine e Philips Design.

Темата на годинешното издание е: „Создавање вредност: инклузивност, иновација и одржливост“ со настани со кои се промовираат уникатноста и врвниот квалитет на италијанскиот дизајн.
Националната галерија е првата дестинација откако Музејот за дизајн ADI на италијанската публика ја понуди можноста да ужива во поставката, во периодот од 30 ноември па се до 4 февруари 2024. По 28 март овој исклучителен проект заминува за Сан Франциско во Соединетите Американски Држави.

Ќерими (1984) , е во фокусот на вниманието на културната јавност како директорка на Националната галерија , ( од годинава, го троши третиот мандат) која со бројните врвни изложби ја раздвижи културната сцена дома и ја врати публиката. Во глобални рамки, како комесар, се залага да се наметнеме како држава и уметност на значајни настани од културата и да привлечеме внимание на медиумите, меѓународните куратори, на уметниците, и да оставиме впечаток врз пошироката публика.

Старова Ќерими четири пати беше комесар на националниот павилјон на престижниот светски саем на уметноста – Венециско биенале и добитник на наградата „13 Ноември“ во 2019 година за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје.

Воедно е и сликар, и педагог, проф.др. на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ“ – Скопје, потекнува од славното семејство Старова, растена и школувана низ светот, секаде каде нејзиниот татко, академикот Луан Старова беше амбасадор, но и врвна интелектуалка, и убава дама со стил и шарм. (Л.С.)