Италија ја заплени вилата на поранешен руски возач на Формула 1


Италија– Италијанските власти денеска соопштија дека заплениле вила вредна 100 милиони евра (109 милиони долари) на Сардинија, во сопственост на поранешениот руски возач на автомобили Никита Мазепин и неговиот татко олигарх Дмитриј.

Финансиската полиција дала наредба за запленување на вилата Роки Рам во Порто Черво, на брегот на Коста Смералда на североистокот од италијанскиот остров, изјави владин претставник, пренесува Франс24.

Никита Мазепин (23) беше отпуштен од американскиот тим „Хаас“ во март, откако заедно со неговиот татко Дмитриј беше ставен на листата на санкционирани на ЕУ, а како дел од тесното опкружување на рускиот претседател Путин.

Италијанската полиција во последните недели заплени вили и јахти вредни над 900 милиони евра од богати Руси како дел од санкциите на Европската унија.

Највредната заплена досега е направена во Трст, а се работи за џиновска јахта на милијардерот Андреј Мелниченко, проценета на 530 милиони евра.