Италија ја тужи Австрија


Италија ќе започне правна постапка против Австрија поради ограничувањата на движењето на камионите преку клучниот премин „Бренер“ на пат низ Алпите, објави владата на премиерот Џорџија Мелони.

Италија поднесе тужба против Австрија пред Европскиот суд на правдата (ЕСП). Австриските ограничувања се критикувани и во други земји, вклучително и Германија, забележува агенцијата ДПА.

Според италијанскиот министер за транспорт Матео Салвини, Италија за прв пат поднела тужба против друга членка на ЕУ. “Ограничувањата на Австрија претставуваат „транзитна забрана“ преку „Бренер““, рече Салвини во понеделникот.

Со тужба се заканува и Германија
Проблеми во сообраќајот меѓу Баварија и Тирол предизвикаа и долги редици на клучниот пат низ Алпите, а и Минхен се заканува со тужба.

Австрискиот министер за транспорт Леоноре Гевеслер повторно ги бранеше „вонредните мерки“ во Тирол во понеделникот, повикувајќи на разговори за предложените резервации за транзит на камиони преку преминот.

„За ова треба да се разговара, а не да се заканува со правна постапка, недела по недела“, изјави Гевеслер за австриската новинска агенција АПА.

Лидерот на австриски Тирол, Антон Мател, упорно го ограничува сообраќајот на камиони, велејќи дека „Италија нема да успее со максималистичкото барање да ги укине сите забрани во Тирол“.

Транзитот на камиони низ „Бренер“ се зголеми од 1,1 милиони во 2000 година на 2,5 милиони во 2022 година, со соодветно зголемено влијание врз животната средина и општеството. Преку преминот поминува  40 отсто од товарот на пат низ Алпите, забележува ДПА.