Италија изброи најмалку новозаболени од ковид-19 од 10 март наваму


Италија денеска забележа најмалку новозаболени од корона вирус од 10 март наваму, додека секојдневно расте бројот на оздравени пациенти, покажуваат податоците од Цивилната заштита.

Во последните 24 часа во Италија корона вирусот е потврден кај 1.075 лица, што претставува пад од минус 12 отсто во однос на вчера кога беа регистрирани 1.221 нов случај. Најмногу нови позитивни случаи и понатаму има во Ломбардија, пишува „Ла република“.

Од Цивилната заштита денеска информираа дека има сѐ помалку пациенти во болниците. На интензивна нега се 1.427 пациенти или 52 помалку од вчера. Од друга страна, 16.270 пациенти сѐ уште се во болница со симптоми на корона вирус, додека 553 пациенти се пуштени дома вчера. Во куќна изолација се 80.770 луѓе ширум Италија, 908 помалку од вчера.

Сепак, бројот на починати денеска е повисок во однос на вчера. Во последните 24 часа починале 236 луѓе, а вчера имаше 195 жртви. Вкупниот број починати изнесува 29.315.

Италија до сега регистрира 213.013 лица заразени со вирусот, а се опоравија 85.231.

До денеска во Италија се тестирани повеќе од 2,2 милиони луѓе од кои само во изминатиот ден 55.263.

Инаку, медицинарите на 10 март тестираа 6.935 луше, која имаше 977 позитивни. Ден потоа, на 11 март тестирани беа 12.393 луѓе од кои 2.313 беа позитивни на ковид-19.