Италија има план земјите од Западен Балкан да влезат во ЕУ пред 2030

Според планот на шефот на дипломатијата Антонио Тајани, претставен на состанокот на групата „Пријатели на Западен Балкан“ Србија, Албанија, Црна Гора и Македонија треба да влезат во ЕУ во 2029, додека за Босна и Херцеговина ќе треба уште некое време


Шефот на италијанската дипломатијата, Антонио Тајани

 

Министерот за надворешни работи Италија, Антонио Тајани, предложи поедноставување на процесот за пристапување кон ЕУ, особено на земјите кандидати од Западен Балкан. Во сржта на тој план е зајакнување на постепената интеграција и подобрување на стратешката комуникација. Планот е претставен пред претставниците на ЕУ и балканските министри на вчерашниот состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Рим.

Како што јавуваат италијански медиуми,  шефот на дипломатијата Тајани презентирал документ за национална позиција во кој се наведени конкретни предлози за забрзување на процесот на пристапување во ЕУ за земјите кандидати, вклучително и оние од Западен Балкан.

Италијанскиот предлог се фокусира на три клучни области: постепена интеграција во стратешките сектори како што се сајбер безбедноста, реформите на јавната администрација, управувањето со миграцијата и деловната соработка; поедноставување на процесот на пристапување за да се избегнат непотребни одложувања и политички ќор-сокак; и стратешка комуникација за да се истакнат придобивките од интеграцијата во ЕУ за локалното население.

Тајани го претставил планот на Италија за време на билатералните состаноци со Каја Калас, високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ и Марта Кос, еврокомесарка за проширување.

Предлогот беше споделен и со претставници на министри од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Австрија, Хрватска, Грција, Чешка, Словачка и Словенија. Претставник од Македонија беше заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски.

На маргините на состанокот Тајани ја претставил и временската рамка за пристапувањето.

„Ние сме за прием на сите земји кандидати пред 2030 година. Србија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија постигнаа значителен напредок и верувам дека 2029 година е реална цел“, рече Тајани, цитиран од агенцијата АНСА. „Ние исто така го поддржуваме пристапот на Босна, иако тоа може да бара повеќе време, но ја има нашата целосна поддршка“.

За Косово, тој рече: „Сега работиме да ставиме крај на тежок период, во кој секој треба да направи чекор напред. Мора да се почитуваат правата на малцинствата и се надевам дека тензијата што постои на границата меѓу Косово и Србија нема да продолжи“.

Каја Калас од состанокот на Икс испрати порака: „Западен Балкан е дел од европското семејство. Нашата безбедност е неразделна. Нашата соработка е од суштинско значење“.

За време на средбата, Тајани ја истакнал стратешката улога на Трст како основно пристаниште за Западен Балкан.

„Трст може да послужи како главно референтно пристаниште за целиот Балкан“, рече тој, нагласувајќи ја потребата од подобрување на инфраструктурата за зајакнување на врските меѓу Белград и Трст. • Тој, исто така, го истакна неодамнешниот бизнис форум во Србија и изрази надеж за зголемен италијански извоз во регионот.

Со својата стратешка позиција, Трст би можел да послужи како клучна порта за економскиот коридор Индија-Блискиот Исток-Европа, засилувајќи ја амбицијата на Италија да ги зајакне трговските врски меѓу Европа, Блискиот Исток и Азија, истовремено интегрирајќи го Западен Балкан во оваа нова инфраструктурна мрежа.