Италија и Франција го намалуваат производството на вино заради помалата побарувачка
Водечките италијански и француски винари сакаат да го намалат производството на врвните вина, откако пандемијата со коронавирус ги испразни хотелите и баровите и визбите ги остави полни со милиони непродадени шишиња.
Во Италија, домашната побарувачка за вино се очекува да падне за речиси една третина откако хотелите, рестораните и винските барови беа затворени со месеци заради сузбивање на заразата, а туристи речиси и да нема .
Извозот исто така се намали , па производителите на вино се плашат дека би можеле да регистрираат загуба од вкупно 1 милијарда евра оваа година, што е еквивалентно на девет проценти од вкупниот приход.
Италија сака да го намали производството за околу пет проценти во 2020 година и одвојува 100 милиони евра компензација на лозарите, кои ќе треба да фрлат меѓу 15 и 50 отсто од грозјето, но здруженијата на винари велат дека побарувањата веројатно ќе ги надминат расположивите средства,, пренессува СЕЕбиз.
За вината класифицирани како високо квалитетни, како што се „Chianti Classica“ и „Prosecca“, лозарите можат да добијат 1.100 евра за хектар земјиште чиј принос ќе биде делумно уништен.
Некои здруженија на производители на скапи вина, како што е оној што го произведува „Брунело ди Монталчино“, со цена од 200 евра по шише, самите ги поставуваат квотите за производство.
Одгледувачите на сортата „Брунело“ се согласија да го намалат производството за 12,5 проценти, при што неименуван извор во овој сектор вели дека продале само половина од планираното количество за оваа година.
Крајниот рок за барања за компензација истече во понеделникот.
„(Сумата од) 100 милиони евра издвоена од владата сигурно нема да биде доволна“, рече Авито Лука Полини, претседател на здружението на тоскански производители на висококвалитетно вино.
Тоскана издвои шест милиони евра за да им помогне на производителите на вино да обезбедат дополнителен простор за складирање, но Полини вели дека многу лозари повеќе сакаат да го фрлат грозјето. Само во тој регион, од претходната берба остана вишок еквивалентно на околу два милиони шишиња, рече тој.
Подруми полни со шампањ
Франција нема воспоставено програма за компензација, а во август започнува бербата на сорти на грозје од кои се произведува шампањ и се чини дека ќе биде помала, иако винарите и лозарите се разликуваат во проценките за колку.
Групата ЦИВЦ на производители на шампањ проценува дека дури 100 милиони шишиња нема да бидат продадени оваа година, а приходите се очекува да се намалат за повеќе од 1,7 милијарди евра.
Податоците на ЦИВЦ покажуваат дека повеќе од милијарда шишиња шампањ се натрупале во подрумите, што претставува неколкугодишна потенцијална продажба.
Union des Maisons de Champagne (UMC), што ги застапува интересите на најголемите производители на шампањ, вклучувајќи ги Moet & Chandon на LVMH и Dom Perignon, сака максималниот принос на бербата оваа година да се намали за дури 40 проценти во однос на минатата година. Одгледувачите, од друга страна, не сакаат да ги намалат приносите за повеќе од 17 отсто.
Претседателот на УМЦ, Жан-Мари Балие, одби да ги коментира разговорите и за Ројтерс рече дека е уверен дека ќе биде постигнат договор на состанокот на 18 август.
И Рим и Париз издвоија дополнителни пари за производителите кои го дестилираат вишокот вино во алкохол за производство на средства за дезинфекција на раце и за парфеми, а Франција оваа недела ја зголеми финансиската поддршка за лозарите на 250 милиони евра.