Италија го слави влезот во финалето на ЕВРО 2020, пресуди пенал рулетот


Фудбалската репрезентација на Италија е првиот финалист на овогодинешното Европско првенство, откако вечерва во драматичен натпревар ја победи Шпанија по подобро изведување на пенали (4-2) и откако во регуларниот дел и по продолженијата резултатот беше 1-1. Овој возбудлив и крајно неизвесен натпревар се одигра на стадионот „Вембли“ во Лондон. 

Водечкиот погодок за Италија го постигна Федерико Киеса во 60. минута, а изедначи Алваро Мората во 80. минута со асистенција на Дани Олмо. Немаше голови во продолженијата.
Унаи Симон го одбрани ударот на Локатели во првиот сет на пенали, а Дани Олмо го промаши голот.

Во втората серија Белоти ѝ донесе предност на Италија, а Морено израмни. Италија обезбеди ново водство во третиот сет со Бонучи, а Тијаго Алкантара погоди за 2-2. Бернардески погоди за водство на Италија за 3-2, а ударот на Мората го одбрани Донарума. Победата за Италијанците ја донесе Жоргињо.

Италија на тој начин ја нокаутираше Шпанија на второто ЕП по ред, откако „азурите“ ја елиминираа „фуријата“ во осминафиналето во 2016 година.

Во своето четврто финале на Европското првенство, Италијанците ќе играат против подобриот од полуфиналната пресметка помеѓу Англија и Данска, што е закажано за в среда, во 21 часот на „Вембли“.

Италија до својата единствена европска титула стигна во 1968 година како домаќин. После тоа, Италијанците беа поразени во финалето во 2000 година (Франција) и 2008 година (Шпанија).

Финалето ќе се игра на истиот стадион во недела на 11 јуни.