Италија го помага Ферари со 106 милиони евра


Државна помош во износ од 106 милиони евра наменети за инвестиции во технолошки развој и производство во погоните во областа Емилија – Ромања ќе добие италијанскиот производител на луксузни спортски автомобили Ферари.

Парите ќе бидат обезбедени врз основа на Меморандумот за разбирање што Ферари го потпиша со италијанското Министерство за економија, државната Агенција за инвестиции „Инвиталија (Invitalia) и регионалната влада на Емилија – Ромања.

Договорената финансиска помош од 106 милиони евра, како што е соопштено, ќе бидат искористени во индустриски проекти, истражување и развој на нови технологии, кои би требало да ја забрзаат дигитализацијата, како и за намалување на штетните гасови во околината.

– Имаме доверба во нашата област и одлучни сме да и помогнеме во развој на проекти, кои ќе донесат опиплива корист од аспект на општествената и еколошка перспектива и ќе ја подобрат нејзината конкурентност, изјави извршниот директор на Ферари, Бенедето Виња, најавувајќи дека државната помош ќе овозможи отворање 250 работни места за локалното население.