Италија го обвини шефот на НАТО за предавство. „Нè налути, ќе има последици“


Фото: Б. Грданоски

Италијанскиот министер за одбрана го обвини генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дека го предал Рим затоа што не назначил Италијанец за нов претставник на организацијата за координирање на операциите на јужните граници на Алијансата.

Позицијата беше отворена на почетокот на овој месец на барање на италијанскиот премиер Џорџа Мелони, а нејзината влада тогаш рече дека верува дека треба да му биде доделена на Италијанец.

НАТО сè уште не објави кој ќе биде назначен, но италијанскиот министер за одбрана Гидо Кросето на крајот на минатата недела за весникот „Ла Стампа“ изјави дека Столтенберг номинирал Шпанец, додавајќи дека одлуката ја смета за „речиси лична навреда“.

На прашањето за критиките на Крозето, прес-службата на НАТО одговори дека „НАТО ќе објави (одлука за) секое назначување во догледно време“ и одби дополнително да коментира за изјавите на министерот. Крозето рече дека напишал „многу лута порака“ до Столтенберг.

„Ме налути, ќе има последици“
„Ме налути и ќе има последици на лично ниво“, рече Крозето, што претставува крајно невообичаена акција на членка на НАТО против нејзиниот лидер. „Тој го предаде принципот. Италија беше таа која се бореше да ја создаде улогата на пратеник на јужното крило“, рече Крозето, додавајќи дека Столтенберг не се согласува со одлуката за создавање нова улога и затоа ја казни Италија.

Минатиот месец НАТО го избра поранешниот холандски премиер Марк Руте да ја преземе функцијата од Норвежанецот Столтенберг, кој се повлекува од функцијата шеф на организацијата по 10 години, од 1 октомври.

Запрашан од новинарите дали очекува функцијата да ѝ биде доделена на Италија по заминувањето на Столтенберг, Крозето рече дека се надева дека тоа ќе биде препуштено на „најдобрата личност“.