Италија ги затвори сите продавници, ресторани и пабови поради корона вирусот


Премиерот на Италија, Џузепе Конте, најави дополнителни мерки за да се обиде да го запре ширењето на корона вирусот.

Сите продавници, ресторани и кафулиња ќе бидат затворени 24/7 и деловните субјекти и фабриките ќе треба да ги ограничат своите активности колку што е можно повеќе, охрабрувајќи го персоналот да земе одмор или да работи од дома. Продавниците за храна и лекови, како и поштата и банките, ќе останат отворени. Јавниот транспорт ќе продолжи да работи. Новите мерки ќе траат две недели.

Во телевизиското обраќање до нацијата во средата вечер, Конте рече дека владата решила постепено да ги спроведе мерките и целата земја сега ќе се претвори во „заштитена зона наместо во црвена“.

Италија се заклучи во вторникот, откако Конте објави дека училиштата и универзитетите, како и јавните места, вклучувајќи кина, театри и спортски сали, ќе останат затворени до 3 април.

Корона вирусните инфекции се искачија за повеќе од 2.000 во средата за да достигнат 10.590 заразени, со дополнителни 170 смртни случаи за еден ден. Бројката на починати се искачи на 827.

Премиерот рече дека новите строги мерки „нема да имаат итни ефекти“ и јавноста не смее да паничи доколку бројот на случаи продолжи да расте.

Италијанската влада исто така назначи специјален комесар, Доменико Аркури, за да помогне во навигацијата во итни случаи.