Италија епидемиолошки стабилна, под посебен надзор само Ломбардија и Рим


Италија – Епидемиолошките податоци низ цела Италија се стабилни, но во Ломбардија со над 70 проценти од вкупниот број нови случаи заразени со Ковид-19 и Рим со нови жаришта се под посебен надзор.

Според најновите дневни податоци за бројот на нови случаи, во Ломбардија, најтешко погодениот регион на Италија, се регистрирани 244 нови случаи, што е 72 отсто од вкупниот број нови случаи во Италија.

Во исто време, во Ломбардија се регистрирани околу 50 проценти од вкупно 44 смртни случаи од последиците на Ковид-19 во Италија.

Рим е исто така под надзор поради нови жаришта во болницата „Сан Рафаеле“ и во зграда во стариот дел на градот.

По околу три месеци рестриктивни мерки, Италија излезе од блокадата во мај со постепено олеснување на мерките, а од денеска, меѓу другото, ќе започнат со работа кината и театрите, дозволени се концерти и летни кампови за деца.

Како што пишува „Кориере дела Сера“, од денеска не е задолжително физичкото растојание на летовите и дозволена е продажба на сите карти на летот, но употребата на маска е задолжителна.

Во Италија од почетокот на кризата како последица на коронавирусот починаа повеќе од 34.000 луѓе, со што стана четврта земја во светот по бројот на смртни случаи, по САД, Бразил и Велика Британија.