Истражување за насилство во средните училишта


Аналитика тинк-тенк денеска организира завршен настан од проектот „Развој на култура на мир и превенција на насилство како основни вредности во образовниот систем во РС Македонија’’, кој е подржан од Амбасадата на Канада за Србија, Црна Гора и Северна Македонија.

На настанот ќе биде презентиран Прирачник базиран на истражување врз репрезентативен примерок од 300 испитаници, спроведено со учениците од три средни училишта во Скопје – „Здравко Цветковски”, „Зеф Љуш Марку“ и „Шаип Јусуф”.

Целта на истражувањето била да се утврдат видовите насилство на кои се изложени учениците во средните училишта, нивната фреквенција, како и перцепцијата за формите на насилно однесување од училишни врсници во однос на полот.

-Беше идентификувана и улогата на наставниците во превенцијата и делувањето во случај на насилно однесување во училиштата, но и на останатите чинители во образовниот систем, како што се психолошко-педагошката служба, надлежните институции и родителите. Главната цел на проектот беше креирање култура на мир и почитување, како и зајакнување на демократските вредности во образовниот систем во Република Северна Македонија, соопшти организаторот.

Најавено е воведно обраќање на заменикот-министерот за образование и наука Лулзим Алиу, а во рамки на настанот ќе се одржи и симулација на случај „Голем одмор” подготвена од учениците кои учествуваат во овој проект.