Истражување во Србија пред изборите: Студентската листа во блага предност пред Вучиќ
Во истражувањето на НПСМ за Студентската листа се изјасниле 44,5, а за листата на Александар Вучиќ 42,7 отсто
Новата српска политичка мисла (НСПМ) ги објави резултатите од своето редовно есенско истражување на политичкото јавно мислење во Србија (без Косово), спроведено кон крајот на септември и почетокот на октомври оваа година, според кое 44,5 проценти од испитаниците кои веќе се одлучиле ќе гласаат за Студентската листа, додека 42,7 проценти би ја поддржале листата на СНС.
Најголемиот број испитаници, 79,8 проценти од нив, рекле дека ќе учествуваат на парламентарните избори на 25 октомври. 13,3 проценти рекле дека веројатно ќе излезат, два проценти рекле дека веројатно ненема да излезат, 3,2 проценти дефинитивно нема да гласаат.
Сите други листи, освен малцинските, според истражувањето на НСПМ, моментално се под изборниот праг: листата на СПС на Ивица Дачиќ ја поддржале 2,9 проценти од испитаниците, листата на Европска Србија 2,7 проценти, Автентичната десница 2,5 проценти, а другите листи се под два проценти.
Уредникот на НСПМ, Ѓорѓе Вукадиновиќ, подвлекува дека ова е наод од редовното есенско истражување на политичкото јавно мислење во Србија, а не „антиципација“ или проекција на резултатите од изборите.
„Но, јасно ни е дека во сегашната и загреана предизборна атмосфера, овие бројки ќе бидат третирани токму на тој начин, т.е. како ‘предвидување’ на изборните резултати, што не се. Имајќи го тоа предвид, помисливме дека можеби да не објавуваме ништо пред изборите, бидејќи објавувањето ни носи само нов бран на хронични навреди, плукања и оспорувања од речиси сите страни (…) ретките објавувања на резултатите во последните месеци нè доведоа до заклучок дека сè уште има смисла, ако владата и нејзините сателити толку се лутат и нервираат“, наведува Вукадиновиќ во текстот што го потпишува на веб-страницата на НПСМ.
Тој додава дека негово длабоко убедување, засновано на многу докази и примери, е дека Србија под оваа влада се лизнала дури и под минималниот праг на таканаречената „изборна демократија“ и дека лицитирањето со ваков или таков вид резултати всушност претпоставува учество во тој политички симулакрум и производство на привид на нормалност, функционирање на институциите и регуларност што очигледно го нема.