Истражување покажа дека корона вирусот е природен, не лабораториски

Новиот SARS-Cov-2 коронавирус кој се појави во Вухан, Кина минатата година и предизвика пандемија на болеста COVID-19 е резултат на природна еволуција, покажува истражување објавено во Nature Medicine.

Анализата на геномна секвенца од вирусот и поврзаните други вируси не откри доказ дека вирусот е направен во лабораторија или е создаден по друг пат, пренесе Кајгана.

„Со споредба на достапниот геном и податоците од познатите видови на коронавируси може да утврдиме дека SARS-CoV-2 потекнува од природен процес“, вели Кристијан Андерсен, професор по имунологија и микробиологија.

Студијата е објавена како „The proximal origin of SARS-CoV-2“, а во неа учествувале Роберт Ф. Гери од Универзитетот во Тулејн, Едвард Холмс од Универзитетот во Сиднеј, Ендру Рамбот од Универзитетот во Единбург и Иан Липкин од Универзитетот во Колумбија.

Корона ворусите се голема фамилија на вируси кои можат да предизвикаат болести од широк ранг. Првите познати тешки заболувања предизвикани од корона вирус се во 2003 година при епидемија на САРС во Кина и МЕРС во Саудиска Арабија.

На 31 декември кинеските власти ги алармираа СЗО за појава на нов корона вирус кој предизвикува тешко респираторно заболување. Вирусот е наречен SARS-CoV-2, болеста COVID-19. До 20 февруари се документирани скоро 167.500 случаи на COVID-19.

Како доказ за природна еволуција научниците ја посочуваат молекуларната структура која е веќе позната од сегашните корона вируси и е најмногу слична на вирусите пронајдени кај лилјаци и панголини (цицач прекриен со лушпи).