Истражување: Намалениот ДДВ не ги поттикна Германците да трошат повеќе во пандемијата


Намалувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ) само во ограничена мерка ја зголеми потрошувачката за време на пандемијата во Германија, а значително ги намали приходите од даноци, објави Институтот за економски истражувања Ифо.

Намалувањето на различните стапки на ДДВ помеѓу јули и декември минатата година резултираше со дополнителна потрошувачка од само 6,3 милијарди евра, што одговара на пораст на издвојувањата за приватната потрошувачка од само 0,6 проценти, утврди Ифо.

Буџетот, пак, остана без 20 милијарди евра приходи поради тоа намалување, проценува институтот, пренесува регионалниот бизнис портал СЕЕбиз.

Повеќето испитаници во анкетата која институтот ја нарача од агенцијата за испитување на јавното мислење „Форса“ изјавија дека избегнувале да трошат повеќе и покрај намалувањето на ДДВ, бидејќи поволните прилики за купување биле ограничени и бидејќи се плашеле од повисоки трошоци во иднина.

Во анкетата биле опфатени 30.000 репрезентативни потрошувачи во одделни истражувања во октомври и во ноември.

Само два проценти од испитаниците изјавиле дека во периодот од јули до октомври купиле поголеми предмети што инаку не би ги купиле, претежно телевизори, компјутери, градежни работи и реновирање и мебел и автомобили.

Со намалувањето на ДДВ, владата сакаше да ги охрабри граѓаните да купуваат големи предмети. „Ова не е постигнато, како што покажаа двете истражвања“, рекоа во понеделникот шефот на Ифо, Клеменс Фуест и неговите колеги Андреас Пејхл и Флоријан Нојмаер.

Намалувањето на ДДВ од 19 на 16 проценти во теорија треба да му заштеди на купувачот 750 евра за автомобил платен 25.000 евра, додека телевизорот со цена од 1.000 евра треба да биде поевтин за 30 евра, објаснува ДПА.

Институтот со седиште во Минхен ја поздрави одлуката на владата да не ги продолжи намалените даночни стапки во оваа година.