Истражување : Младите од Лондон, Париз и Берлин критички настроени кон САД и Кина
САД – Младите во три европски земји се крајно критички кон двете светски сили, САД и Кина, се вели во студија на американскиот истражувачки центар Пју (Pew Research Center).
Истражувањето покажа дека младите се загрижени поради улогата на САД како „светски полицаец“ и растечката економска моќ на Кина.
Студијата се базира на фокус групи со околу 120 учесници на возраст од 18 до 29 години, со различни идеолошки убедувања, во главните градови на Велика Британија, Франција и Германија, пренесе Би-Би-Си.
Многу учесници во истражувањето изразија загриженост за начинот на кој САД ја користат својата моќ на глобалната сцена, оценувајќи дека нивните активности во странство се засноваат на лични интереси и оти не ги земаат предвид интересите на сојузниците при донесувањето на надворешнополитичките одлуки.
– Во сите три земји и четири идеолошки групи, младите Европејци се непоколебливи во нивното мислење дека САД се однесуваат како светски полицаец на штета на светската заедница, се заклучува во истражувањето.
Учесниците посебно ги посочија воените интервенции на САД во Ирак и Авганистан како примери за штетните последици од американското странско влијание.
Кога испитаниците ја споменувале американската помош за Украина во војната против Русија, тоа било главно во позитивен тон, но војните во Ирак и Авганистан во кои директно учествуваше американската војска имаа поголемо влијание врз обликувањето на нивното мислење за влијанието на САД.
Исто така, имало и тврдења за лицемерие на САД поради тоа што се залагаат за човекови права и демократија во странство, додека не ги решаваат проблемите дома. Една Французинка како пример ја наведе неодамнешната одлука на Врховниот суд на САД за укинување на уставното право на абортус.
Во врска со Кина, учесниците во истражувањето биле многу критични за кршењето на човековите права во земјата, односот кон муслиманската заедница ујгури и загрозувањето на слободата на говор во Хонг Конг.
Тие, исто така, изразиле загриженост поради кинескиот експанзионизам и воените дејствија во Јужното Кинеско Море.
Учесниците во истражувањето, сепак, признаваат дека прекинувањето на врските на нивните земји со Кина нема да биде „прагматична цел“ од економска гледна точка.