Истражување: Ковид-19 повеќе се гледа како економска закана, отколку како здравствен ризик


Јавноста го гледа корона вирусот како поголема закана за економијата отколку за нивното здравје, покажуваат новите истражувања. Економските мерки за спас на компаниите и работните места што ги преземаат владите не ја намалува ваквата загриженост.

Анкетата на Ипсос во која беа опфатени 10.000 возрасни испитаници во 12 земји и која беше спроведена од 12-14 март, покажува зголемена вознемиреност за личната финансиска изложеност, вклучувајќи го и вработувањето. За резултатите на истражувањето пишува и Светскиот економски форум на интернет страницата, при што се вели дека перцепцијата за закана за здравјето се зголемува во близина на жариштата и покрај преземените мерки за социјално оддалечување и забраните за патувања ширум светот.

Поголемиот дел од анкетираните во опфатените земји очекуваат последици за нивните лични финансии поради пандемијата на корона вирус, покажуваат резултатите на истражувањето. Најмногу се загрижени во Виетнам, Кина, Индија и во Италија.

Загриженоста за работните места и за деловните активности брзо се зголеми од февруари, особено во Италија, Франција, Велика Британија и во САД. Во овие земји, економските грижи се чини дека пораснале повеќе од загриженоста во врска со нивото на закана од вирусот.

Затворањето на границите како мерка како и самоизолацијата наидува на поддршка кај испитаниците, но ова може да биде повеќе на збор, отколку во практика, особено надвор од жариштата, смета Ипсос. Затворањето на границите се поддржува најмногу во Виетнам, Индија и во Италија, а најмалку во Канада, Германија, Франција и во Велика Британија.

Кога станува збор за личното здравје, резултатите покажуваат дека населението на неколку земји сè уште не го сфаќаат Ковид-19 како сериозен ризик. Повеќе луѓе мислат дека со вирусот ќе биде заразен некој близок до нив, но не и тие самите, со значителен пораст на оваа перцепција во Австралија, Канада, Франција, Германија и Велика Британија. Додека 75 отсто од кинеските испитаници сметаат дека нивното здравје ќе биде „екстремно“ или „сериозно“ погодено ако се заразат со корона вирус, само 23 отсто од испитаниците во Велика Британија и 12 отсто од испитаниците во Франција го кажаа истото.

И покрај вниманието на медиумите за трупањето домашни залихи, анкетата покажува дека тоа за сега е ограничено на земјите во Европа и Северна Америка. Сепак, постои загриженост за евентуални нарушувања во снабдувањето. Се смета дека создавањето домашни залихи повеќе ќе предизвика недостиг на производи во продавниците, отколку што ќе дојде до нарушување на синџирите на снабдување; 89 отсто од возрасните во Велика Британија сметаат дека создавањето домашни залихи може да предизвика недостиг во продавниците. Анкетата исто така покажува дека се зголемува електронската трговија, особено во близина на жариштата: 31 отсто од Италијанците почесто купуваат преку Интернет за да се снабдат со производи што нормално би ги купиле во продавница, а овој процент е уште поголем во Виетнам – 57 отсто, потоа 55 отсто во Индија и 50 отсто во Кина.

Повеќето земји, вклучително и анкетираните во жариштата, очекуваат работите да се вратат во нормала до јуни. Сепак, траекторија за болеста и потврдените случаи сугерираат дека тоа нема да се случи, заклучува Ипсос.