Истражување: Гренланд и Антарктикот од 1979 година изгубиле повеќе од 12 трилиони тони мраз
Вашингтон – Гренланд и Антарктикот изгубиле повеќе од 12 трилиони тони мраз од 1979 година, покажува новата студија заснована на сателитски податоци.
Според истражувањето објавено во списанието „Scientifik data“, пренесено од американските медиуми, вкупното топење изнесувало околу 12,5 милијарди тони мраз, или 11,3 милијарди метрички тони.
Околу пет шестини од загубата на мраз не се должи на директно затоплување на воздухот, туку на потопла морска вода што ги еродира ледените плочи од дното и страните, поттикнувајќи ги глечерите да се влеваат во океаните.
Истражувачите известуваат дека топењето од 1970-тите до 1990-тите било релативно стабилно, но забрзано во 2010-тите.
Топењето на мразот придонесе за зголемување на глобалното ниво на морето за околу 3,1 сантиметар од 1979 година, при што секој дополнителен сантиметар пораст става дополнителни два до три милиони луѓе во опасност од поплави барем еднаш годишно.
Меѓународен тим научници, предводен од Европската вселенска агенција (ЕСА), користеше податоци од 27 сателити и 45 независни мерења.
Со вклучување на податоците од НАСА, беше можно да се следат промените во обемот на антарктичката ледена покривка од 1979 година и на Гренланд од 1972 година.
Научниците предупредуваат дека губењето на мразот може да продолжи со децении, дури и ако глобалното затоплување се запре, бидејќи ледените покривки реагираат на климатските промени со задоцнување.
Привременото забавување на топењето помеѓу 2020 и 2023 година се припишува на краткорочните временски услови, а не на промена во долгорочниот тренд.
Стабилноста на делови од Антарктикот во последните години делумно се должи на рекордните снежни врнежи во Источен Антарктик, кои го компензираа забрзаното топење на понестабилниот западен дел.
Научниците особено предупредуваат за динамичните процеси на губење на мразот, кои се одвиваат многу побрзо од постепеното топење и можат да придонесат за ненадејно уривање на ледените покривки.