Истражување: Дури 80 отсто од граѓаните на Србија ги поддржуваат барањата на студентите

Повеќето граѓани не им веруваат на медиумите и политичките манипулации со кои се обидуваат да ги дискредитираат студентите


 

Околу 80 отсто од граѓаните на Србија поддржуваат најголем дел од барањата на студентите, а третина од населението вели дека учествувале во тековните протести. Студентските протести ги поддржуваат 64 отсто од граѓаните, објави центарот за истражување „Црта“ по последното истражување.

Студентските протести станаа клучен фактор за политички и општествени промени во Србија, со потенцијал за натамошно проширување и зајакнување на поддршката, покажуваат резултатите од новото истражување на јавното мислење спроведено од „Црта“.

И по речиси три месеци студентските протести не само што не стивнуваат, туку добиваат сѐ поголема поддршка, се вели во соопштението.

„Наместо гнев, страв и загриженост, сега кај граѓаните преовладува надежта и оптимизмот, благодарение токму на протестите и студентите. Студентските протести ги поддржуваат 64 отсто од граѓаните, а најголем пораст на поддршката во последниот месец е забележан кај оние кои инаку ги поддржуваат партиите на власт. Сега секој петти граѓанин што е поблизок до владејачката партија ги поддржува протестите, а на крајот на декември имаше половина помалку“, додава „Црта“.

Граѓаните веруваат дека протестите можат да донесат позитивни промени – 46 отсто од нив сметаат дека земјата оди во вистинска насока наспроти 38 отсто кои мислат спротивно. Растот на оптимизмот за иднината на земјата, како што покажуваат податоците од истражувањето, јасно произлегува од енергијата што ја донесоа студентските протести, а не од довербата во владината политика и состојбата на економијата.

Речиси 60 отсто од граѓаните им веруваат на студентите, а исто толку сметаат дека претседателот на Републиката не е надлежен за решавање на студентските барања, се наведува во соопштението.

Според таа анкета, повеќе од половина од граѓаните (52 отсто) го делат ставот дека барањата на студентите не се исполнети, сметајќи дека студентите и претставниците на факултетот се единствените поканети да проценат дали барањата се исполнети.

Повеќето граѓани не им веруваат на медиумите и политичките манипулации со кои се обидуваат да ги дискредитираат студентите. За 72 отсто од граѓаните протестите се последица на државна негрижа и корупција, а не обид за „обоена револуција“ или „војводински сепаратизам“. Освен тоа, корупцијата се смета за убедливо најголем проблем во Србија, истакнува „Црта“.