Истражување: Довербата е ниска, но на владата повеќе ѝ веруваат отколку на Собранието и партиите
Довербата на граѓаните во институциите и натаму е долни нивоа и таа се движи од ниска кон умерена, при што нема институција во државата која ужива висока доверба. Ова го покажува истражувањето на јавното мислење што Институтот за комуникациски студии го реализираше во текот на октомври и ноември оваа година. Во истражувањето што го направи Институт Социетас цивилис на примерок од 1.000 граѓани беа испитувани перцепциите на граѓаните за нивната доверба во институциите, транспарентноста и отчетноста, како и за начинот на кој граѓаните се информираат и се справуваат со можни дезинформации.
Довербата била мерена на скала од 1 до 10. Владата има доверба од 2,8, Собранието 2,7, политичките партии 2,5, Јавното обвинителство 2,5 и судовите 2,4. Тоа се институциите во кои граѓаните имаат најниска доверба. Претседателот на државата (3,5), полицијата (3,8) и локалната власт (3,7) уживаат умерена доверба, а институција со највисока доверба е армијата (4,9).
Медиумите (3,5) и невладините организации (3,5) исто така имаат ниска до умерена доверба, а меѓународните организации и сојузи, како Обединетите нации (3,9), НАТО (3,8) и ЕУ (3,5), и верските заедници (4,4) уживаат умерена доверба.
Речиси две третини од учесниците во истражувањето (65,4%) не сметаат дека Владата работи отворено и етички, а големи 58,4% од испитаниците сметаат дека пратениците никогаш не се грижат за граѓаните.