Истражување: „Чет ГПТ“ покажува системска левичарска пристрасност


Четботот за вештачка интелигенција „Чет ГПТ“ (ChatGPT) покажува значајна и системска левичарска пристрасност, открија британските истражувачи. Според новата студија на Универзитетот во Источна Англија, ова вклучува фаворизирање на Британската Лабуристичка партија и Демократската партија на претседателот Џо Бајден во САД.

Загриженоста за вградената политичка пристрасност во „Чет ГПТ“ претходно беше покрената од сопственикот на „Спејс икс“ (SpaceX) и „Тесла“ (Tesla), Илон Маск, но научниците рекоа дека ова е прва голема студија која пронашла докази за какво било фаворизирање, пишува Скај њус.

Водечкиот автор на студијата, д-р Фабио Мотоки, предупреди дека резултатите би можеле да имаат импликации за претстојните избори на двете страни на Атлантикот со оглед на зголемената употреба на платформата OpenAI од јавноста, пренесува Индекс.

„Секоја пристрасност во платформа како оваа е загрижувачка. Ако пристрасноста беше десничарска, треба да бидеме исто толку загрижени. Понекогаш луѓето забораваат дека овие модели со вештачка интелигенција се само машини. Тие даваат многу привлечни, сварливи резимеа на она што го барате зашто, дури и ако се целосно погрешни. И ако го прашате „дали сте неутрални“, тој ќе ви каже „ох, јас сум“. Како што медиумите, интернетот и социјалните медиуми можат да влијаат на јавноста, тоа може да биде и многу штетно“, објасни Мотоки.

Од четботот, кој генерира одговори на прашања напишани од корисниците, беше побарано да имитира луѓе од целиот политички спектар додека одговараше на десетици идеолошки прашања.

Овие ставови и прашања се движеа од радикални до неутрални, при што на секој „поединец“ му беше дадена опцијата да избере четири одговори на секоја изјава: се согласувам, силно се согласувам, не се согласувам или категорично не се согласувам.

Неговите одговори беа споредувани со „нормалните“ одговори што ги даваше на истите прашања, што им овозможи на истражувачите да споредат колку се поврзани со одреден политички став.

Секое од 60-те прашања беше поставено 100 пати за да се земе предвид потенцијалната случајност на вештачката интелигенција, а овие повеќекратни одговори беа дополнително анализирани за знаци на пристрасност.

Д-р. Мотоки го опиша како обид да се симулира истражување на реална човечка популација, чии одговори исто така може да варираат во зависност од тоа кога ќе бидат прашани.

„Чет ГПТ“ добива огромна количина текстуални податоци од целиот интернет и пошироко. Истражувачите рекоа дека овој сет на податоци може да има предрасуди во себе, што влијае на одговорите на четботот.

Друг потенцијален извор може да биде алгоритмот или начинот на кој е обучен да реагира. Истражувачите велат дека ова би можело да ги зајакне сите постоечки предрасуди во податоците со кои се храни.

Методот на анализа ќе биде објавен како бесплатна алатка за луѓето да проверат за пристрасност во одговорите на „Чет ГПТ“.

Д-р. Пињо Нето, другиот коавтор, изјави за Скај њус: „Се надеваме дека нашиот метод ќе помогне да се тестираат и регулираат овие технологии кои брзо се развиваат“.

Наодите беа објавени во списанието „Паблик чоис“ (Public Choice).