Истрагата за „Рекет“ затворена само со тројца осомничени, засега нема вмешано политичар


Фото: Б. Грданоски

На 20 август, пред повеќе од еден месец, тогаш специјалната јавна обвинителка во оставка Катица Јанева, дојде во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција со службено возило од СЈО. Во зградата влезе и излезе насмеана. Еден месец подоцна Јанева пак се врати во истата зграда, но ја донесоа со полициско комбе од затворот во Шутка.

Од комбето беше извадена со лисици и со полициска придружба беше однесена кај својата колешка Вилма Русковска. Во заробените раце ја носеше својата чанта и една најлонска кеса со натпис „Fashion“. Додека се качуваше по скалите кон канцеларијата на Русковска, свесна за вниманието на новинарите и снимателите, пред да се изгуби од нивниот видик, се насмевна пред камерите и фотоапаратите. Кај Русковска се задржа помалку од еден час и веднаш беше вратена во притвор во Шутка. Како што соопштија нејзините адвокати, Јанева вчера на пладне била повикана во Обвинителството да даде исказ во својство на осомничена. Сепак, таа одлучила прво лично да ги види доказите, па потоа да даде исказ, додека нејзината адвокатка Ирена Фрчковска веќе ги видела доказите. Денеска обвинителката Русковска треба на тимот на Јанева да му го врачи известувањето дека истрагата за „Рекет“ е завршена.

„Сметаме дека тоа е повреда. Обвинителството е должно да ја сослуша осомничената пред да ја затвори истрага“, изјави Фрчковска.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција вчера ја затвори истрагата за еден дел од случајот „Рекет“, односно за парите што наводно ги изнудил Бојан Јовановски од бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата за рекетот од 1,5 милион евра засега се затвора само со тројца осомничени, Бојан Јовановски, второосомничениот Зоран Милески-Кичеец и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева. За земените 1,5 милион евра не е осомничен ниту еден политичар, иако цела актуелна влада ја поддржуваше телевизијата 1ТВ и „Меѓународниот сојуз“, хуманитарната организација на Боки 13.

Од Обвинителството за „Независен весник“ потврдуваат дека истражната постапка е завршена за тројцата осомничени. Сепак, Русковска има право да ја прошири истрагата.

„Надлежниот обвинител има право, врз основа на прибраните материјални и вербални докази, да оцени дали истрагата ќе биде проширена и за други лица“, велат од Обвинителството за „Независен“.

Во понеделникот од затворот во Шутка во Обвинителството беше донесен првоосомничениот Бојан Јовановски. Но и тој не даде исказ бидејќи ниту тој ниту неговата одбрана не ги виделе доказите што ги има Обвинителството против нив. Јовановски досега нема дадено исказ во Обвинителството иако истрагата беше отворена на почетокот на мај, а беше уапсен пред повеќе од два месеца. Јанева, пак, даде исказ во Обвинителството како сведок, а следниот ден беше уапсена. Од Обвинителството не објаснуваат зошто Јанева и Јовановски се викнати да дадат исказ дури по завршувањето на истрагата, за разлика од Милески-Кичеец кој неколкупати беше во Обвинителството да даде исказ. Сепак, Обвинителот прави своја проценка кога ќе ги повика обвинетите да дадат исказ.

Со завршувањето на еден дел од истрагата се отвора можноста Јанева и други осомничени да излезат од притвор. Прв од притвор од Шутка излезе Кичеец.

Според објаснувањето од судот, одбраната на Кичеец доставила предлог тој да излезе од притвор на 19 септември. Вчера Обвинителството дало позитивно мислење и судија на претходна постапка донесе решение со кое мерката притвор му се укинува и Кичеец од Шутка замина дома.

Одбраната на Јанева вели дека затворањето на истрагата отвора можност наскоро и таа излезе од Шутка.

„Со завршување на истрагата отпаѓа точката два, која значи влијание на доказите. Така ќе остане само едниот основ за притвор, опасност од бегство. Ќе се отвори можност за нудење гаранција, односно таа да биде пуштена да се брани од слобода со гаранција“, вели одбраната. Тие уште денеска, кога ќе им биде врачено решението за затворена истрага од судот, ќе побараат поблага мерка.

Со затворањето на истрагата, затворен е само еден дел, додека истрагата за парите на „Меѓународен сојуз“ допрва ќе се докажува. Јанева, според одбраната, не е вклучена во оваа истрага.

Јанева заврши во притвор под сомнение дека ја злоупотребила службената положба, односно влијаела да му биде олеснета положбата на бизнисменот Орце Камчев, кој за возврат му исплатил 1,5 милион евра на Јовановски. Парите во два наврата ги зеле осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец. Првата транша од 500.000 евра им била исплатена од сопругата на Камчев, Ана Камчева, додека тој бил во притвор. Втората, од еден милион евра, им била дадена во домот на Камчев на 20 февруари во чанта „луј витон“.

Обвинителството тврди дека поседува несоборливи докази дека од парите Јанева добила на подарок предмети и мебел во вредност од 298.000 денари (околу 5.000 евра). За овој случај досега на распит беа бизнисмените Силјан Мицевски, Зоран Азманов и Ардијан Амзоски, водителката Лила Филиповска, пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Агапи Дика. Сослушани беа и Лиле Стефанова, Бурим Рустеми и Елизабета Јосифовска од СЈО.

Другиот дел од истрагата се однесува на измамите со изградбата на старски домови, за кои бизнисмени како Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски наседнале и инвестирале првиот околу 700 илјади евра, Амзоски околу 200 илјади евра, а биле рекетирани и други, како Зоран Азманов и други. Телевизија 1ТВ, каде што Јовановски беше неформален сопственик, и неговата организација имаа огромна поддршка од актуелната власт, но засега според официјалните информации доказите не водат кон политичарите.

На последното појавување во јавноста, Јанева, случајно или не, им порача на новинарите дека ќе се гледаат, дека најверојатно ќе има судење за случајот на кое ќе присуствуваат новинарите.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Б. Грданоски