Истрагата за „Рекет“ не ја одмина „Бихаќска“

Фросина Ременски, потпретседателка на Собранието, а до скоро и потпретседателка на СДСМ, е меѓу првите претставници на политичкиот врв во земјава што се повикани досега да дадат исказ во врска со „Рекет“ – случајот кој речиси два месеци ја тресе политичката сцена во земјава и го наруши кредибилитетот на Специјалното јавно обвинителство, чиј опстанок и натаму е неизвесен.

Таа вчера беше два часа на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција, каде што од средината на јули досега  во најголем дел беа повикувани бизнисмени, градоначалници и обвинители на СЈО, иако уште од избувнувањето на „Рекет“ се спомнува можна поврзаност на луѓе од политичкиот врв. Името на Ременски се споменуваше во контекст на нејзиното почесно претседателство во „Меѓународниот сојуз“.

Откако излезе од Обвинителството, таа изјави дека позицијата што ја има во „Меѓународниот сојуз“ во ниту еден момент не подразбира формално-правна обврска за какво било учество и одлучување во органи на невладината организација. Новинарите, исто така, ја прашаа дали чувствува одговорност или грижа на совест поради поврзаноста со осомничени во „Рекет“:

– Квалификациите за тоа што правел „Меѓународниот сојуз“ ќе оставам да ги утврди Обвинителството. Ниту јас ниту вие како новинари не треба да даваме квалификации. По прашањето за грижата на совест, тоа е индивидуална категорија на секој поединец и сите ни и другаруваме или сме во роднинска врска со луѓе кои можеби сториле или не сториле нешто, а сме биле во некаква комуникација. Тоа не значи дека тоа повлекува и некаква грижа на совест особено ако не се однесува за дејствија поврзани лично со нас – истакна Ременски.

Таа штуро одговараше на прашањата во врска со исказот во Обвинителството повикувајќи се на тајноста на истрагата. Рече дека не ги познава лично специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Милески-Кичеец ниту, пак, имала средби со Камчев. Прашана дали присуствувала на средбата со Бојан Јовановски-Боки 13 за трансакцијата на Силјан Мицковски од 720 илјади евра, Ременски рече дека нема никакво лично присуство.

– Во сите прашања поврзани со „Меѓународниот сојуз“, облигационите односи што ги има со лица и фирми, немам никакво лично присуство – изјави потпретседателката на парламентот. Посочи дека тука се зборува за конкретен кривичено-правен настан, не се зборува за лични релации и дека не може да зборува за никакви други лични релации кои не се контекст на кривично-правниот настан што се истражува.

Иако засега нема потврда дека функционери на СДСМ се директно вмешани во аферата – како евентуални сторители на кривични дела, факт е дека „Рекет“ предизвика потреси и во таборот на владејачката партија. Според проценките, овој случај се рефлектирал и на големите кадровски промени што беа направени во раководството на СДСМ набрзо по завршувањето на претседателските избори, со оглед на тоа што обидите за изнуда биле пријавени во обвинителството во периодот меѓу двата изборни круга, ако се цени според исказот што протече во јавноста, а во кој беше нотирано дека бизнисменот Орце Камчев ја поднел кривичната пријава на 2 мај. Десетина дена претходно, Заев, на митинг во Карпош, ја најави фамозната „метла“, која прво и најтемелно беше употребена на „Бихаќска“, по што „чистката“ на „Илинденска“ стана козметичка.

На 26 мај, на првата постизборна седница на Централниот одбор на СДСМ, беше разрешен генералниот секретар на партијата – Александар Кирацовски, кој исто така е пратеник и претседател на собраниската Комисија за политички систем. На негово место веднаш беше поставен тогашниот министер за земјоделство Љупчо Николовски, кој важи за човек од најблиското опкружување на Заев. Истата вечер оставки поднесоа сите шестмина потпретседатели на СДСМ. Само тројца од нив (Оливер Спасовски, Мухамед Зекири, Дамјан Манчевски) неодамна беа повторно именувани на оваа функција. Меѓу нив не е Ременски, која во меѓувреме, сепак, беше избрана во новиот состав на Извршниот одбор на СДСМ, каде што, пак, не се најде место за Кирацовски, по неговото разрешување од генерален секретар. Тој деновиве се огласи преку социјалните мрежи со предлог обвинителството да ги испита сите што се фотографирале со Јанева и со Боки 13.

– Овој процес ќе ја потврди вистината и ќе ги сузбие лагите и шпекулациите. Криминалците ќе бидат изведени пред лицето на правдата одговарајќи за стореното. Но, кон овој случај, неопходно е Обвинителството да пристапи и низ општественото огледало кое претежно го креираат политичките напади и инсинуации, лажните вести и конструкциите. Не смее да остави дамка врз процесот оставајќи разни шпекулации да кружат во јавноста, независно дали се политичка реторика или чаршиски муабети. Пример, тоа може да го стори единствено ако го повика секој кој има макар и една слика со било кој од обвинетите, да го провери контекстот и да ги расчисти дилемите во јавноста – напиша Кирацовски.

По приведувањето на специјалната обвинителка Јанева, низ дел од медиумите се проширија информации и за наводно приведување на политичари, што брзо потоа беа демантирани. Шефицата на обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска во коментар за дел од исказот на Камчев што протече во јавноста изјави дека од политичари таму е спомнат единствено премиерот Зоран Заев и тоа во делот каде што бизнисменот кажува дека и кај него пријавил дека е рекетиран. Но во изјавата по приведувањето на специјалната јавна обвинителка, Русковска не исклучи можност за проширување на истрагата со која сега се опфатени Јанева, Кичеец и првоосомничениот Боки 13.

ВМРО-ДПМНЕ и вчера излезе со обвинувања во врска со истрагата за „Рекет“, која, според опозицијата, неа е компромитирана и девалвирана.Од партијата поставија и прашања до Ременски за финансиското работење на „Меѓународен сојуз“.

– Изминативе две години логично е да се поднесени две завршни сметки за работата на „Меѓународниот сојуз“ – за 2017 и 2018 година. Дали Ременски, како почесна претседателка, не знае како се потрошени парите дадени од бизнисмените на „Меѓународен сојуз“ – праша Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. (А.М.М.)