Истрага по смртта на сопруга на словенечки дипломат по вакцинирањето
Словенечкиот институт за јавно здравје во соработка со белгиските здравствени власти води истрага за трагичната смрт на млада сопруга на словенечки дипломат во Брисел, која по вакцинирањето добила венска тромбоза и починала од мозочен удар во болница откако неколку дена била во критична состојба.
Жената „помлада од 40 години“ пред десетина дена била вакцинирана со вакцината против Ковид-19 на „Џонсон и Џонсон“, која се дава во една доза, а првите тешкотии ги почувствувала во наредните денови.
Како што пренесува Словенечката телевизија, најпрво имала главоболки и имала отечена нога, а на преглед кај лекар дијагностицирана и е длабока венска тромбоза и одредена и е терапија, но потоа во ноќните часови добила мозочен удар и неколку дена била во критична состојба, по што починала.
Случајот се истражува
Националниот Институт за јавно здравје покрена постапка да се утврди дали компликациите и подоцна смртта се поврзани со вакцината.
Вакцината „Џонсон и Џонсон“, како и онаа на „АстраЗенека“, е векторска вакцина, а утврдено е дека во исклучително ретки случаи може да предизвикаат стварање на крвни згрутчувања.
Тоа го потврди и Европската агенција за лекови, која ги следи случаите, иако пред еден месец потврди дека користа од „Џонсон и Џонсон“ вакцината е поголема од ризиците.