Историски потег: Принцезата Евгенија со поткаст серијал за хуманитарни цели


Англија – Принцезата Евгенија (29), помалата ќерка на принцот Ендрју и Сара Фергусон,  и десетта во линијата за наследство на тронот, ќе направи историски потег – ќе стане првиот член на британското кралско семејство со сопствен поткаст серијал.

Принцезата ќе биде авторка и водителка на поткаст серијалот насловен „Обединета слобода“ (Freedom United) и ќе го води заедно со нејзината пријателка Џулија де Бонвил, за целите на хуманитарната организација „Колектив против ропство“ (The Anti-Slavery Collective) што двете ја основаа заедно во 2017 година.

Соопштувајќи ја веста во видео на „Инстаграм“, принцезата Евгенија откри:

„Мисијата на Колективот против ропство е да ги зближи луѓето, бидејќи заедно сме многу помоќни и може да направиме реална промена“.

„Ако може да го направиме тоа и да ги поттикнеме луѓето да го направат истото, да споделуваме информации, да ги споделуваме најдобрите вештини, тогаш можеме навистина да смениме нешто“, додаде таа.

Како што е целта на целата хуманитарна организација, првата епизода „Tech Tackles Trafficking“ ќе ја нагласи алармантната стапка на ропство во модерното време, што го има достигнато максимумот.

„Се проценува дека денес има околу 40,3 милиони робови ширум светот“, вели Џулија де Бонвил во клипот.

„Од прва рака видовме колку прекрасни хуманитарни организации има во Велика Британија и пошироко, кои сработуваат многу, па се прашуваме како да ја потенцираме нивната работа и да ја подигнеме свеста.“

„И така го почнавме Колектив против ропство“, вели таа понатаму. „Мисијата на колективот е да ги зближи луѓето, бидејќи заедно сме многу помоќни и може да направиме сериозна промена.“

Принцезата Евгенија се запознала со Џулија во школски автобус на пат за на училиште и така почнале нивното „долгогодишно пријателство и авантура“, а по завршувањето на студиите на Универзитетот во Њукасл двете тргнале да патуваат низ светот заедно.

Токму едно патување во Калкута, Индија во 2012 година ги инспирирало да почнат нивна хуманитарна организација за борба против ропството, откако дознале за Женската фондација „Интерлинк“ чија мисија е да спасува млади жени од модерно ропство и да ги едуцира и оспособува за работа, како боење текстил.

Откако ја почнале непрофитната организација, двете пријателки ја споделуваат каузата со гостување на настани на ОН, поттикнуваат промени на законите и остваруваат средби со жртви на трговија со луѓе и ропство за да добијат уште идеи како да се борат против овие појави.

„Ова го правиме за личноста која не може да викне како нас, за жените, девојките, мажите, децата ширум светот“, вели принцезата Евгенија.

Таа сепак не е првата во кралското семејство која основала поткаст – војвотката од Кембриџ, Кејт Мидлтон, соработуваше со Националниот центар за деца и семејства „Ана Фројд“, на кој исто така е мецена, за да се лансира серија поткасти во август, 2016 година.

Серијалот насловен „Мислиме на детето“ (Child in Mind) беше создаден за да им се даваат совети на родителите како да му помогнат на дете кое се соочува со душевни проблеми, со цел да им се помогне на семејствата да го надминат стравот од непознатото.