Историјата ќе има казна за оние што ја прокоцкуваат шансата, вели Османи


 

Не можам да кажам од сега дека тој процес нема да успее. Месец и пол во политиката е долг период во кој може да се направат и големи работи. Меѓутоа, на крајот со име и презиме ќе ги кажеме тие што ќе ја прокоцкаат оваа историска шанса и кои ќе бидат причина за сите последици што ќе ги има оваа држава поради таа пропуштена можност, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на очекувањата од Самитот на лидерите на Европската Унија што ќе се одржи во декември.

Во одговор на новинарско прашање, Османи рече дека почетокот на преговорите е најтешкиот процес и дека тој нема да престане да работи „до последната секунда“, бидејќи „ние немаме алтернатива“.

„И затоа, секој што мисли на луѓето, не смее да престане да верува и да се обидува да го отвори тој процес којшто е без алтернатива за сите нас. Но, понекогаш се чувствуваме како Дон Кихот и се бориме против сите неправедности кои се обидуваат да ја кочат државата“, рече Османи по промовирањето пригодна поштенска марка по повод претстојниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје. 

На прашањето дали очекува поместувања во ставовите на опозицијата, рече дека однесувањето на опозицијата е да мисли само на наредните избори.

„Историјата ќе ги казни тие луѓе што ја пропуштаат и ја прокоцкуваат оваа историска шанса пред која се наоѓаме.  Но, ние ќе се бориме до крај за да успееме да направиме исчекор“, рече шефот на дипломатијата. 

Османи и директорката на Поштата на Македонија, Бујаре Абази денес промовираа поштенска марка издадена по повод претседавањето соОБСЕ. 

Свечената промоција се одржа во спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде што ќе се одржува министерскиот состанок на ОБСЕ и на неа беше присутен претседателот  Стево Пендаровски и странски амбасадори.

„Оваа поштенска марка ќе биде редок пример во филателистичките колекции ширум светот и ќе остане да сведочи на едно време на значаен напредок на државата на меѓународен план”, истакна Османи на промоцијата. 

Зборувајќи на промоцијата на поштенската марка, директорката на Абази, истакна дека преку поштенската марка не само што се претставува земјата, туку се испраќа и силна порака. „Подадената рака, хуманоста и заштитата на луѓето не познава граници и треба да биде во фокус на нашата работа“, рече Абази.