Историчари од македонско-бугарската комисија се оградуваат од „историскиот ревизионизам“ на Заев


Фото: Б. Грданоски

Интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС предизвика остри реакции меѓу историчарите кои се членови на македонско-бугарската историска комисија. Неколку членови на македонскиот дел од комисијата вечерва искажаа осуда на ставовите на Заев и се оградија од истите. Според информации на Дојче веле, најмалку тројца членови на Комисијата се оградуваат од искажаното во разговорот.

Ставот на македонските историчари е дека „се спротивставуваат на изјави кои содржат елементи на историски ревизионизам кој ги поткопува основните темели на Европа“.

Прва реагираше историчарката Љубица Спасковска која на својот Фејсбук профил апелираше до политичарите да не коментираат теми коишто не ги разбираат. Подоцна и се приклучи и историчарот Огнен Вангелов.

„Како член на македонскиот дел од Комисијата, лично се оградувам и ги осудувам последните изјави на премиерот и апелирам политичарите да се воздржуваат од тврдења и коментари со кои не се запознаени и не се од нивниот домен на познавања и експертиза“, вели историчарката Спасковска.За неа е особено спорна оценката дали Бугарите (не) биле окупатори во Македонија во Втората светска војна.

„Во цела западна историографија и во доменот на јавна историја терминот окупација е општоприфатен и за улогата на Бугарија во Втората Светска Војна доволно говори мировниот договор потпишан со сојузниците вклучително и со Македонија како дел од Југославија во 1947“, вели таа.