„Исток“- новогодишен гала концерт на Филхармонија 


Оркестарот на Македонската филхармонија во четврток, 22 декември, ќе го одржи традиционалниот новогодишен гала концерт насловен „Исток“ (арх.-извор). Диригент е Миријан Кукунаишвили од Грузија, а како солисти ќе настапат сопранистката Милена Арсовска (Македонија/Австрија) и баритонот Иван Наумовски (Македонија/Австрија).

Како што соопштија од Филхармонија, на програмата се дела кои имаат типично „новогодишен“ концепт, а валцерот како музичка форма ќе биде составен дел од овој концерт. Публиката ќе има моженост да чуе дела од Штраус, Чајковски, Лехар, Лумбије, но и посовремени музички толкувања на темата валцер како „Валцерот на Амелија“ на Јан Тирсен од филмот „Чудесната судбина на Амели Пулен“, „ Маскарада валс“ на Арам Хачатуријан, „Валцер за збогување“ на Алфред Шнитке и др.

Откако дипломирал на Државниот конзерваториум во Тбилиси, маестро Миријан Кукунаишвилиги завршил и магистерските студии по оркестарско диригирање на Академијата за музика во Краков, Полска, каде што моментно е на докторски студии. Често посетува мастеркласи кај познати диригенти и е добитник на голем број престижни стипендии во Грузија. Редовно добива покани да диригира на грузиските национални фестивали и, секако, активен е како диригент и со Државната опера и балет на Грузија, Националната филхармонија, Државниот симфониски оркестар на Тбилиси, Грузискиот државен камерен оркестар „Синфониета“, оркестарот на Академијата „Бетовен“ во Полска, Грузискиот национален хор… Во 2016 и 2017 година беше шеф-диригент на Студентскиот оркестар на Тбилиси.

Сопранот Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера.

Нејзиниот репертоар ги вклучува и улогите на Лаурета во „Џани Скики“, Памина и Папагена во „Волшебната флејта“ и Евридика во „Орфеј во подземјето“, Блонда во „Грабнување од сарајот“, Церлина во „Дон Џовани… Соработува со реномирани диригенти меѓу кои Кирил Петренко, Рани Калдерон, Јан Латам-Кениг, Корнелиус Мајстер, Кирил Карабитс, Даниел Раискин, Јерухам Шаровски, Мајкл Балке и Ервин Ортнер. Нејзините снимени изданија, пак, ја вклучуваат живата снимка на „Чичестерови псалми“ од Леонард Бернштајн со Камерниот оркестар на Виена, а нејзиниот глас е искористен и во музиката за македонските филмови „Големата вода“ и „Војната заврши“.

Македонскиот бас баритон м-р Иван Наумовски ги завршува своите дипломски студии по вокално пеење на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје, во класата на проф. м-р Марија Муратовска со највисоки почести cumlaude (2013).  Добитник е на повеќе стипендии, од кои најеминентни се стипендиите “Best of south East” и “AIMS” во Австрија, кои му носат многубројни настапи, меѓу кои и настапот во грацкиот „Musikverein“, „Minoriten Saal“ и „Kasematten“ арената.