Источна Европа со најголем дневен пораст на новозаразени со корона вирус

Полска

Источноевропските земји Украина и Полска денеска забележаа најголем дневен број на новозаразени со корона вируси од почетокот на епидемијата, додека во Русија бројот на нови случаи е речиси 10.000, како и за време на најголемата криза кон средината на мај.

Русија денеска соопшти за 9.859 нови случаи на корона вирус, што е најголем дневен број на заразени од 15 мај, кога заразата беше на својот врв. Рускиот кризен центар за коронавирус објави дека се потврдени 174 смртни случаи во последните 24 часа, со што бројот на починати во земјата достигна 21.251.

Руската вицепремиерка за здравство Татјана Голикова вчера призна „сериозно зголемување“ на случаите на коронавирус во Русија, но гарантираше дека нејзината земја е подготвена да се соочи со тоа.

Украина денеска пријави 4661 нови случаи на коронавирус, што е дневен рекорд по бројот на заразени, кој рапидно расте од крајот на септември.

Полска објави најголемо дневно зголемување на бројот на заразени досега од 2.367 случаи, соопшти министерството за здравство, што е трет ден по ред бројот на заразени да достигне толку високо ниво.

Исто така, пријавени се 34 смртни случаи поврзани со Ковид-19 во земјата. Во население од 38 милиони жители, пријавени се вкупно 98.140 случаи на инфекција и 2.604 смртни случаи.

Рекордни дневни зголемувања кај новоинфицираните лица од почетокот на епидемијата се забележани деновиве и во Чешка и во Словачка.

Чешка вчера потврди нови 3.493 случаи на корона вирус, што најголем број од избувнувањето на епидемијата во земјата во март. Вкупниот број на случаи во земјата со 10,7 милиони е 74.255, а 678 лица починале како резултат на Ковид-19. Словачка во средата имаше 797 нови инфекции, што е рекорден број на случаи втор ден по ред.