Истече рокот за поднесување ДДВ – 04 пријави, постигнат висок процент


Фото: Б. Грданоски

На полноќ истече рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите, а од вкупно очекуваните 41.531 пријави, поднесени се 39.028, што претставува висок процент на исполнетост од 94,0%, соопштија од УЈП .

Во периодот до 27.01. 2025 година на полноќ, иако истовремено се вршеше поднесување на месечни и тримесечни ДДВ пријави, сепак резултираше со одличен одзив на континуирано поднесување и без масовни реакции од даночните обврзници за евентуални пречки. Ова покажува даночна одговорност и посветеност на даночните обврзници во исполнувањето на обврските поддржани од напорите на УЈП за оптимизација и ефикасност на системот.

„Апелираме до сите останати 2.503 даночни обврзници кои не ги поднеле своите ДДВ-04 пријави навремено, да ги достават потребните документи до своите сметководители и во најкраток рок да ги поднесат пријавите, со цел да избегнат камати за задоцнето плаќање. Навременото и точно поднесување на ДДВ пријавите е од суштинско значење не само за исполнување на законските обврски, туку и за забрзување на процесот на поврат на средства за оние кои имаат изразен ДДВ и очекуваат поврат. Овој процес е клучен за подобрување на ликвидноста на компаниите како и поголема оперативност, што директно влијае на финансиската стабилност на домашните компании“, велат од УЈП.

За сите обврзници кои не ги поднеле пријавите навремено, ќе следуваат постапки согласно со законските овластувања, вклучително и потсетувања и мерки за присилна наплата, ако и по тие потсетувања не ги исполнат своите обврски.