„Ист гејт“ – Скопје ќе го има третиот по големина шопинг мол и најголемата „Зара“ во регионот

Вкупната инвестиција изнесува 103 милиони евра, од кои денес беа обезбедени 72 милиони евра преку синдициран заем кој беше потпишан од страна на домашни и странски банки со кои се заокружува финансиската конструкција

 

Во периодот од септември до 15 ноември 2021 година во Скопје ќе биде отворен „Источна порта“ – East Gate Mall, третиот по големина шопинг мол и со најголемата „Зара“ во регионот. Покрај тоа во него ќе има и други познати светски модни брендови, од кои дваесетина за прв пат ќе најдат на македонскиот пазар, а во него ќе има и околу 2.500 нови вработувања. Проектот има вкупната изградена површина од над 500 илјади метри квадратни, во што влегува трговски центар, резиденцијален комплекс и канцелариски простор. Комплексот се гради на местото на некогашниот Скопски саем, а покрај наведените содржини ќе има и зелени површини.

Вкупната инвестиција изнесува 103 милиони евра, од кои денес беа обезбедени 72 милиони евра преку синдициран заем кој беше потпишан од страна на домашни и странски банки со кои се заокружува финансиската конструкција.

Ова е досега најголем ваков заем во нашата земја, а го потпишаа НЛБ Банка АД Скопје како лидер на заемот и банките учесници НЛБ д.д. Љубљана, Комерцијална банка АД Скопје, Raiffeisen Bank Албанија и Халк банка АД Скопје, а корисник на заемот е East Gate mall, односно групацијата „Балфин“ која што е инвеститор на проектот.

Според претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје, Антонио Аргир, со денешното потпишување банките покажуваат дека заеднички можат да поддржат големи развојни проекти и во услови на криза.

Тој нагласи дека иако сме во екот на здравствена и економска криза, присутна во целиот свет поради пандемијата со КОВИД-19, потпишувањето на договорот е доказ за стабилноста и цврстината на македонскиот банкарски сектор.

Со синдицираниот заем се обезбедени 38,5 милиони евра од НЛБ групацијата (20 милиони евра од НЛБ дд Љубљана и 18,5 милиони евра од НЛБ банка – Скопје, 18,5 милиони евра од Комерцијална банка Скопје, 10 милиони евра од Raiffeisen Bank Албанија и 5 милиони евра од Халк банка – Скопје.

„Со овој договор покажуваме дека заеднички можеме да поддржиме  и да реализираме големи развојни проекти и во ситуација како оваа предизвикана од корона вирусот“, рече Аргир. Тој додаде дека ова е еден од најголемите проекти што се финансирани во Македонија и дека претставува чест, но и одговорност што НЛБ банка – Скопје за прв пат се јавува во функција на лидер на синдициран заем, каде што има двојна улога  – покрај обезбедувањето на средствата и како банка која е носител на активностите поврзани со организација и управување со целокупната финансиска конструкција.

Генералниот директор на Комерцијална банка Хари Костовв, рече дека банката веќе има позитивно искуство со групацијата „Балфин“ со финансирањето на „Скопје сити мол“ и со која се заедно акционери вво Тиранска банка. Тој нагласи дека е многу значајно што во сегашните услови не само што не се откажала од проектот и не го ставила во мирување, туку е цврсто решена да ги интензивира работите и неговата реализација што е од значење и за целокупната македонска економија.

„Наша оценка е дека на Скопје и на Македонија им е потребна ваква инвестиција која ќе доведе до вработување на поголем број млади лица и ќе овозможи натамошен развој на градот Скопје и на Македонија“, рече Костов.

„Балфин групацијата“ е позната во нашата јавност по изградбата на „Скопје Сити мол“, а присутна е и во повеќе држави од Западен Балкан и неколку држави во Европа. Вработува повеќе од шест илјади луѓе, рече Игор Давков, Генерален извршен директор на East Gate.

„Околу 40 отсто од површината за изнајмување на трговскиот центар, што е околу 20 илјади метри квадратни, ќе биде со нови брендови, што не се присутни во Македонија“, рече Давков, додавајќи дека станува збор за регионални брендови кои во голема мера се  присутни во трговските центри во регионот, а најголем дел се присутни во Централна и Источна Европа.

Тој рече дека целиот комплекс ќе биде нов модерен симбол на градот и дека е најголемиот повеќенаменски проект во нашата земја.

„Инвестицијата за која денес го заокружуваме финансирањето, со своите 158 илјади  метри бруто изградена површина и 57 илјади метри нето површина за изнајмување, регионално гледано е најголемиот трговски центар, изземајќи ги „Белград на вода“ и „Парадајз“ во Софија. Се проектира да има 12 милиони посетитеели годишно, а закупците да остваруваат промет од 120 милиони евра“, рече Давков. Нешто повеќе од една година пред свеченото отворање веќе се потпишани договори со над 150 трговци, односно околу 80 отсто од трговскиот центар е веќе издаден. (М.Ј.)