Испратена првата група новоименувани амбасадори


Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи денеска им ги предаде  акредитивните писма на Дане Талески, Фатон Бејта, Сали Лимани, Теута Агаи-Демјаха, Шабан Јашари, Данчо Марковски и Шпреса Јусуфи, за нивно назначување како новоименувани амбасадори.

-Имате голема чест, но и обврска да градите големи и искрени пријателства на Република Северна Македонија во земјите на вашиот прием. Тоа е одлика на нашата надворешна политика да градиме мостови и партнерства, и од вас, како наши највисоки претставници, очекувам достоинствено, темелно и ефикасно спроведување на овие наши стратешки интереси, истакна Османи.

Особено ме радува, додаде, што успеавме во оваа прилика, како дел од правата група амбасадори, да го врачам и акредитивното писмо за нашиот прв амбасадор во Мисијата во НАТО, Дане Талевски, со што,како што рече, го заокружуваме процесот на пристапување во северноатлантската алијанса како 30-та полноправна членка.

Шефот на дипломатијата на средбата дополни дека процесот на пополнување на испразнетите амбасадорски места мора да продолжи и да се забрза како приоритет на надворешната политика и изрази очекување дека наскоро ќе завршат и дел од постапките за останатите испразнети места во дипломатско-конзуларните претставништва, со што ќе се создадат услови за исполнување на новата мандатна мисија на дипломатијата за пополнување на сите испразнети места уште во текот на 2021 година.

Во рамките на денешната средба во Министерството за надворешни работи, министерот Бујар Османи, оствари лична средба со новоименуваните амбасадори кои се упатуваат во странство и лично им ги врачи акредитивните писма на Данчо Марковски како вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Албанија со седиште во Тирана, Фатон Бејта, како вонреден и ополномоштен амбасадор во Кралството Данска со седиште во Копенхаген, Шпреса Јусуфи, како вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Косово со седиште во Приштина, Сали Лимани, како вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Казахстан со седиште во Нур Султан, Шабан Јашари, како вонреден и ополномоштен амбасадор во Државата Катар со седиште во Доха, Дане Талески, како вонреден и ополномоштен амбасадор во Постојаната Делегација при НАТО во Брисел, Теута Агаи – Демјаха, како вонреден и ополномоштен амбасадор и Шеф на Постојаната Мисија при ООН во Женева, а оправдано отсутна беше Марија Ефремова, како вонреден и ополномоштен амбасадор при Светата Столица, со седиште во Ватикан.