Исплатени субвенциите за продаденото јаболко


На сметките на 2.100 јаболкопроизводители во Преспа легнаа 106 милиони денари од интервентната мерка за продадено индустриско јаболко во преработувачките капацитети, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски. На средба со преспанските земјоделци и градоначалникот Живко Гошаревски, ги слушна проблемите со кои се соочуваат јаболко производителите и разговараа за актуелните теми.

– На средбата разговаравме за сите актуелни теми што како Министерство ги планираме, а тоа е пред се започнување плански инвестиции и изградба на откупно дистрибутивен центар во Ресен, истакна Димковски. Индивидуалните земјоделци имаа можност да добијат и картички за „зелена нафта“ да поразговарам со земјоделците за придобивките – додаде ресорниот министер.

На средбата, според градоначалникот Гошаревски, земјоделците добиле одговори на многу прашања, а министерот бил запознаен со последиците од невремето кое минатиот месец го зафати Преспанскиот Регион.

– Завршивме со јавниот повик за пријавување штети од невремето кое ја зафати Долна Преспа. Пријавени се околу 470 граѓани и зафатени се околу 420 хектари овошни насади. Се договоривме со министерот, административните процедури да се завршат што е можно побрзо со цел граѓаните да се обесштетат за пократко време – истакна Гошаревски.