Исплатени 232 милиони денари субвенции за употреба на сертифициран семенски материјал
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира земјоделците дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска реализираше исплата на директните плаќања за користен сертифициран семенски материјал за сите полјоделски култури, освен тутунот.
Вкупната вредност на исплатата изнесува 232 милиони денари, кон 8.435 корисници.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства кои пријавиле употреба на сертифициран семенски материјал за производство на пченица, јачмен, пченка, рж, овес, тритикале, хељда, сирак, суданска трева, просо, хмељ, лен, леќа, кикирики, памук, анасон, шеќерна репка, соја, сончоглед, маслодајна репка, добиточна репка, афион, фацелија, граор, еспарзета, добиточен грашок, наут, луцерка, и ориз.
Преку оваа подмерка се поттикнуваат полјоделците да употребуваат сертифициран семенски материјал, инвестирајќи во квалитетен род и зголемен принос. Реализацијата на исплатата за оваа подмерка доаѓа навремено во период кога актуелна е и жетвата на житните и индустриски култури, што дополнително ќе ги помогне земјоделците во трошоците.
Министерството ги информира земјоделците дека во наредниот период ќе биде реализирана и финансиската поддршка за предадени житни и индустриски култури во домашни преработувачки капацитети како и исплатата за произведени и предадени овошни и градинарски култури.