Исплатени 143,7 милиони денари субвенции на повеќе од 5.300 млекопроизводители


Платежната агенција им исплати 143,7 милиони денари на над 5 300 млекопроизводители за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Според МЗШВ, корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства – производители на кравјо, козјо и овчо млеко, регистрирани како одгледувачи на говеда, овци и кози во Регистарот на одгледувалишта на одредени видови на животни, кои сопственото производство го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко.

Висината на поддршката е 3,5 денари по литар за произведено и предадено кравјо млеко и 4,5 денари по литар за произведено и предадено овчо и козјо млеко.

-Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализаираше исплатата за произведеното и предаденото млеко за период од јануари – април 2022 година. Ги потсетуваме сите земјоделски стопанства дека е во тек аплицирањето за директните плаќања по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2023 година, а крајниот рок за поднесување на апликациите е до 30 јуни 2023 година. Земјоделските стопанства своите апликации за директните плаќања по програма за финансиска поддршка во земјоделството за 2023 година можат да ги достават секој работен ден во канцелариите на подрачните единици на МЗШВ, или електронски да се пријават преку порталот е-субвенции, наведува МЗШВ.