Исплатени 11,5 милиони евра државна помош на 141 компанија


Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, со 11,5 милиони евра поддржани се 141 компанија, кои вработуваат околу 18.000 лица. Од Владата во соопштение наведуваат дека контирунирано докажувааат оти се посветени на партнерски однос и поддршка на домашната економија и во време на светска економска криза предизвикана од Ковид 19.

Од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економски сектори и инвестиции, Фатмир Битиќи, наведуваат дека претходно на заедничка прес – конференција, тој и министерот за економија, Крешик Бектеши, информираа дека оваа година беа потпишани нови 38 договори и 10 анекси на постоечки договори со компании за државна помош, според Законот за финансиска поддршка на инвестиции, со вкупен инвестициски циклус од 53,4 милиони евра.

-Кумулативно, од 2018 година до денес, по овој Закон се потпишани 245 договори со компании. Од нив до 15 ноември 2020, до кога е и законскиот рок за аплицирање за исплата на државна помош за инвестициски циклуси направени во 2019, беа пристигнати 151 барање. Од нив, 141 компанија кои вработуваат околу 18.000 лица, ги исполнија условите согласно Законот и за истите беше исплатена финансиска поддршка од околу 11,5 милиони евра или 706.666.491 милиони денари, стои во соопштението.

Оценуваат дека од исклучителна важност за компаниите и стопанството е фактот што и во време на криза државата обезбеди доволно средства во буџетот за 100 отсто исплата на побарувањата на компаниите за државна помош.

Ова, наведуваат, го потврдува партнерскиот однос и грижата на Владата на РСМ како и влогот во развојот и зголемувањето на конкурентноста на домашните компании како и зголемување на стандардот на живеење на граѓаните.

Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како што истакнуваат од Кабинетот на Битиќи, дава подеднаква можност за сите компании во земјата, независно од нивната големина или местоположба, како и дали се домашни или странски компании.

-Единствено важно е компаниите да прават инвестиции во нивниот развој и конкурентска предност, да покажуваат успех во нивното работење и да не го намалуваат бројот на вработени со текот на годините. Економскиот развој, унапредување на конкурентноста на компаниите на домашниот и меѓународните пазари и подигнување на животниот стандард на вработените, останува врвен приоритет на Владата. Во овој момент фокусирани сме кон амортизирање и намалување на штетите предизвикани од коронавирусот, сепак паралелно мораме да работиме и на подолгорочно планирање и да бидеме подготвени за брз раст и развој на економијата по стабилизирање на состојбата со коронавирусот, односно во пост-ковид периодот. Затоа е од исклучителна важност дека ова се финансиски средства кои компаниите ги вложуваат во инвестиции и развој како и стекнување конкурентска предност. Ова носи напредок и развој за нивните вработени, но во ова време на непредвидливост и светска криза, значи стабилност на нивните работни места и отворање на нови, се наведува во соопштението.