Исплатена дополнителнатa поддршка за лозарите

На вкупно 6.240 лозари денеска им се исплатени дополнителни субвенции од еден денар за килограм предадено грозје во регистрирани винарски визби.

Како што соопшти министерот за земјоделство Трајан Димковски, за оваа намена на сметките на лозарите се префрлени вкупно 66,2 милиона денари.

– Со оваа исплата ја заокружуваме комплетната реализација на субвенциите во лозарството. Пред почетокот на новата производна сезона исплативме 9 милиони евра на 15.208 лозари за одржување на насадите. Потоа го исплативме и долгот на винарските визби за преземеното грозје во 2014 и 2016 година, вкупно 1,25 милиони евра на 2.048 лозари. Со тоа го решивме долгогодишниот наследен проблем на производителите од тиквешко, информира министерот на прес-конференција.

Одговарајќи на новинарско прашање, Димковски рече дека засега останува интервентната мерка од еден денар за килограм, но откупот продолжува да се следи.

-Ова е во договор со лозарите. Половина од откупот е веќе завршен и во дадениов момент сметаме дека поддршката ќе може да покрие дел од трошоците. Очекуваме и винариите да направат извесни корекции во делот на шекерните единици иако, сепак, ние може само да разговараме, не и да наметнеме, истакна Димковски.

Според директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски до денеска заедно со дополнителниот еден денар за лозарите, на земјоделците им се исплатени 306,7 милиони евра.

Бабовски воедно информира дека земјоделците досега со персонализираните картички за „зелена нафта“ наточиле гориво со вкупна вредност од над 30 милиони денари или околу половина милион евра.