Испарувањата од пожарот во Тетово се органски, а никој во државава не мери такви материи


По големиот пожар во тетовската фабрика за бои и лакови, не се знае какви и колкави се загадувањата во воздухот, затоа што станува збор за органски материи, а во државава нема акредитирана метода за нивно мерење. Се мерат само испарувања од неоргански материи.

„Во државата нема акредитирана метода којашто мери органски испарувања“, рече министерката за животна средина Каја Шукова пред денешниот брифинг за очекувањата и позициите на државата за претстојната 28-ма Конференција на страните на Рамковната Конвенција на ООН за климатски промени, што од 30 ноември до 12 декември ќе се одржува во Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати.

„Центарот за управување со кризи, Институтот за јавно здравје и Државниот инспекторат за животна средина, излегоа на терен, иако во рамките на надлежностите на животна средина овој случај не е во наша надлежност“, додаде Шукова. 

Се чекаат анализите на Институтот за јавно здравје кој ќе направи мерења на водите и ан почвата. 

Шукова појасни дека ваквите компании не потпаѓаат на системот на интегрирани дозволи, но потпаѓаат под контрола врз основа на доставен елаборат за којшто треба да даде согласност општината. Таа треба да утрвди дали компанијата работела согласно правилата за заштита од пожари и дали има елаборат за заштита на животната средина.  

Таа вели дека по пожарот сигурно ќе има загадување, но за жал нема да знаеме какво и колаво, затоа што немаме како да измериме. Според министерката директивата не дава можност за мерење вакви органски загадувања, а може да се спречат преку системот за заштита од пожари. 

Шукова рече граѓаните да внимаваат деновиве, тие материи секако ќе слегнат на почвата и водите, по што ќе се знае повеќе за самото загадување. 

Препорачува, бидејќи локацијата е надвор од Тетово и веројатно таму се одгледуваат некои земјоделски култури, граѓаните да не ги јадат тие производи.  

Претходно од ЦУК информираа дека  пожарот што избувна во фабриката за бои и лакови кај село Фалише, Општина Тетово, е ставен под контрола.

„Има по малку чад, но на лице место континуирано се уште има екипа пожарникари од ТППЕ Тетово којашто ја контролира ситуацијата и има и полиција за обезбедување на локацијата“, додаваат од таму.

Согласно информациите во ЦУК, екипа Од ЈЗУ Центар за јавно здравје Тетово е на терен и за да ја испитаат водата за пиење, но резултатите ќе бидат готови за неколку дена.

Од ЈЗУ Тетово известуваат дека состојбата на водата ќе биде во ред, бидејќи бушотината од којашто се црпи вода имала 50 метри длабочина.