Исланд го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО


Парламентот на Исланд попладнево го ратификуваше Протоколот на Северна Македонија за членство во НАТО.

– Веста за 26. ратификација на Протоколот за членство во НАТО, во парламентот на Исланд, ја добив во Брисел, на состаноците на Северноатлантскиот совет. Благодарам за доследноста. Денеска имав успешни средби и со грчкиот колега, Никос Панагиотопулос, со министерот за одбрана на Естонија, Јури Луик, и со помошник генералниот секретар Патрик Тарнер. Членството во НАТО станува реалност #WeAreNATO, напиша вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на својот Фејсбук профил.

Со оваа ратификација, 28 од 29 земји членки ја завршиле ратификацијата за НАТО или е во завршна фаза, како во Велика Британија, Франција, Холандија и Италија, додека во Шпанија поради изборите и формирањето на нова влада се уште се чека почнување на постапка за ратификација.

Со благодарност до Исланд преку својот фејсбук профил се јави и генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

– Благодариме Исланд. Уште еден доказ за нашата успешна надворешна политика. Денеска парлементот на Исланд, го ратификуваше протоколот за членството во НАТО, за Северна Македонија. Со оваа ратификација, 28 од 29 земји членки ја завршиле постапката за ратификацијата на протоколот за НАТО или таа е во крајна фаза, напиша Николовски.