„Искричаво“,„Пандорината кутија: Наследството на ќерката“ и „Мајсторот за спомени“ на МОТ


Во рамки на 46. МОТ, вечерва, 6 декември ќе се изведат три претстави.

Првата, која ќе се одигра во 19 часот, во Домот на АРМ е „Искричаво“ на Скопје танцов театар и е претстава во три дела. Прв дел е „Не ми ги допирај очите“ во кореографија на Адријана Данчевска, втор дел е „Меѓусвет (Убавите жени)“ – Дует во кореографија на Рисима Рисимкин, а третиот дел е „Devil’s Hole“ во кореографија на Дејан Битровски.

Втората претстава, пак, е „Пандорината кутија: Наследството на ќерката“ на Медиа Артес, во режија на Ришард Ниечим која ќе се одигра во салата 25 Мај при МКЦ во 20 часот. Претставата по текст и режија на Ришард Ниечим (Канада) е дел од циклусот претстави на авторот под заедничкиот наслов „Древни огледала/Современи гласови“. Претставата е во 2 чина, од кои првиот чин ги претставува древните гласови или патријархалната херојска перспектива на мажите и машките богови и божици на античка Грција во однос на жените и женственоста, додека вториот ги претставува современите гласови на наследената патријархална херојска перспектива на современите мажи и жени без потхранувачките митови за античките богови и божици и наследената борба на жените за ослободување на сопствениот Женски Глас…

„Мајсторот за спомени“, пак, на Артопија од Скопје, а во режија на Јане Спасиќ е третата претстава која ќе се изведе вечерва во рамки на МОТ. Публиката може да ја погледне од 22 часот, во сала Фросина при МКЦ. Претставата „Мајсторот за спомени“ е интимно патување и согледување на спомените од приватниот живот во креирањето на идентитетот на луѓето. „Зошто некои настани остануваат како спомени? Зошто други ги забораваме? Кои ги потискаме длабоко во себе, а кои нѐ потискаат нас? Дали постоиме без сеќавања? Каква е корелацијата меѓу мемориите, животот и театарот? Дали ние го креираме минатото или тоа е наш белег, кој неуспешно се трудиме да го сокриеме“, се дел од прашањата кои се загатнуваат со претставата.