Искра од апарат за заварување го предизвикала пожарот во трговскиот комплекс во Битола


 

БИТОЛА – Искра од апарат за заварување употребен при поставувањето на држачи, запалил фасаден панел по што избил пожарот во новиот трговски комплекс „Блис“ во Битола на неколку дена пред свеченото отворање.

Одкомпанијата „Беком инвест“ чија инвестиција е комплексот соопштија дека „во тек на монтажа на декоративната фасада на источната страна од градбата, како последица на искра од швајц-апарат употребен при поставувањето на држачите, се запали фасаден панел. Благодарение на брзата детекција и дојава, и на брзата реакција на гасење со хидрантска мрежа, пожарот за релативно кратко време беше локализиран од страна на пожарникарската екипа на Битола“.

„Во пожарот гореше и изгоре само надворешната изолација, не дозволивме да се прошири огнот внатре“, изјави Горан Димкоски, командир на Противпожарната единица од Битола.

„Помош имавме од работници кои беа на самото место, ни помогнаа  со механизација, како и едно возило од РЕК ‘Битола’“, рече Димкоски. 

Според него пожарот избувнал кај 18 часот вчера и на терен интервенирале со 5 пожарникарски возила и со 25 пожарникари по што огнот е ставен под контрола околу 19 часот и 30 минути, но на местото на пожарот оставени биле екипи да контролираат сѐ до полноќ.

Материјалната штета допрва ќе се проценува. (А.Б.)