Искра Гешовска меѓу добитниците во светот на Гете медал за придонес во културна размена
Македонската теоретичарка на уметност и културна менаџерка Искра Гешоска е меѓу трите добитнички на Гете медалот за 2024, соопшти Гете институтот. Наградени се и литературната преведувачка Клаудија Кабрера од Мексико и театарската работничка Кармен Ромеро Кверо од Чиле. Медалот Гете, како што објави „Дојче веле“ е едно од најважните признанија на Германија за културни творци од странство.
Наградата ќе биде доделена во Вајмар на 28 август, денот на раѓањето на поетот Јохан Волфганг фон Гете (1749-1832).
Во образложението на жирито за доделување на престижното признание на Искра Гешоска се вели дека таа создала важни платформи за независната културна сцена во Северна Македонија. Таа е соосновач на Фестивалот за критична култура „Крик“ и на мрежата „Кооператива“, која ја поттикнува европската културна размена во поранешните југословенски држави.
Гешоска е ќерка на македонските театарски доајени Милица Стојанова и Димитар Гешоски.
Гете институтот го доделува медалот еднаш годишно од 1995 година како официјално одликување на Сојузна Република Германија.
Со Медалот Гете се одликуваат личности од целиот свет кои дале посебен придонес во наставата по германски јазик и меѓународната културна размена.
Веќе извесен период Институтот им оддава почест на тројца културни актери од различни региони. Меѓу претходните носители се вбројуваат Даниел Баренбоим, Дејвид Корнвел односно Џон ле Каре, Агнес Хелер, Петрос Маркарис, Хорхе Семпрун, Роберт Вилсон и Аријане Мнукин.